Стапи на сила законот на Додик за криминализација на клеветата, ќе бидат казнувани и граѓаните

од Stefanija Kuzmanovska
482 прегледи

Во Босна и Херцеговина стапи на сила закон според кој клеветата стана кривично дело, а високите казни се закана за сите во таа земја и покрај тоа што се работи за закон донесен од парламентот на Република Српска по налог на Милорад Додик, потсетија во петокот локалните медиуми.

Властите на РС ја криминализираа клеветата со закон што нивниот парламент го усвои на 20 јули, а Додик го потпиша указот за неговото стапување во сила на 18 август.

Покрај задолжителните судски постапки, законот предвидува парични казни од илјада до три илјади евра, а неговите одредби оставаат можност за поднесување тужба на секој кој субјективно се чувствува оцрнет со туѓи тврдења, изјави или објави на медиумите и социјалните мрежи, без оглед на тоа дали овие наводи се вистинити или не.

Во законот експлицитно стои дека вистинитоста на тврдењата „не се докажува“.

Клеветата во Босна и Херцеговина беше декриминализирана пред 20 години, а покрај забелешките и протестите на новинарската заедница, невладините и меѓународните организации како ОБСЕ, властите под контрола на Додик решија да направат чекор назад, што беше протолкувано како обид да се задушат медиумите кои критички известуваат за нив.

„Денес умира едно од уставните права и слободи на граѓаните на РС, како и на цела БиХ. Власта го стави целиот државен систем на сметка на граѓаните на РС да истражат по службена должност дали некој некого оцрнил“, изјави Синиша Вукелиќ, претседател на Клубот на новинари во Бања Лука, цитиран од „Независне новине“ по повод влегувањето во сила на овој закон.

Тој посочи колку е зачудувачки што отсега секој што се чувствува клевета може да поднесе кривична пријава против новинари, соседи или кој било дури и во случаи кога не настанале штетни последици. Обичните луѓе во иднина ќе мора да бидат многу внимателни доколку јавно критикуваат некој што е дел од власта, бидејќи во сите такви случаи им се закануваат тужби.

Во пракса, тоа значи автоматско покренување обвинение врз основа на пријава, полициски апсења и истраги и повеќекратно појавување на судења.

Дополнително, примената на законот не е ограничена само на РС бидејќи одлуките на судовите во еден субјект се обврзувачки на територијата на целата држава, што значи можност за кривично гонење за јавни изјави и лица кои живеат на територијата на Федерацијата на Босна и Херцеговина.

„Значи, доколку клеветите граѓанин на РС во кафуле во Федерацијата Босна и Херцеговина, тој може да ве пријави во обвинителството и постои можност да одговарате кривично. Или ако од ФБиХ пишувате на социјалните мрежи за луѓе од РС, на пример, политичари или спортисти“, ги објасни особено проблематичните димензии на овој закон, Александар Јокиќ, адвокат од Бања Лука.

Слични содржини