„Владата и Министерството за култура обезбедија нова адреса и простор за трајно користење за новата Национална установа Оркестар за џез-музика на Република Северна Македонија или, популарно, за Оркестарот на Здружението на џез-музичари и слободни уметници“ рече министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на прес-конференција.
Таа додаде дека Министерството за култура обезбеди изработка на Основен проект за реновирање и уредување на просторот и за санација на инсталациите на подрумските простории во зградата на Националната установа Национална опера и балет.
„Просторот е со површина од 475 квадратни метри и со проектот се предвидува уредување на простор за проби и за режија, мало студио, простор за чување инструменти и ноти, машки и женски гримиорни, тоалети и три канцелариски простории“ рече Костадиновска-Стојчевска.
Министерката кажа дека проценетата вредност на реновирањето е околу 200 илјади евра (11.714.709,00 ден.), средства што ги обебзеди Министерството за култура заедно со вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи.
„Со работата на Здружението на џез-музичари во овој круг на градот, оживуваме многу стари спомени за Скопје, го заокружуваме музичкиот простор каде што се и Средното музичко училиште, Факултетот за музичка уметност, Националната опера и балет, Филхармонијата, па и живиот парк ‘Ибни Пајко’“ рече Костадиновска-Стојчевска.
Таа додаде дека со Оркестарот за џез-музика се комплетира и се збогатува ова музичко и уметничко опкружување, и со оглед на тоа што џезот е музика на слободни стилови, рече дека е убедена дека постојаното присуство на џезерите овде ќе значи нов квалитет за културата, за социјалниот живот и за сликата на Скопје.