Чикаго го прогласи септември за месец на македонско-американското наследство

од Nikola Popovski
171 прегледи

Градоначалникот на Чикаго, Брендон Џонсон го прогласи септември за месец на македонско-американското наследство, откако неодамна и гувернерката на Мичиген Гречен Витмер повика македонската култура да се слави во оваа сојузна држава во текот на септември.

Чикаго е дом на горда и динамична македонско-американска заедница која го зацврсти градот во делот на уметноста и музиката, бизнисот и финансиите, правото и владата, образованието, социјалните услуги, науката и медицината, известил Џонсон, пренесе ВОА на македонски јазик.

Тој ги повикал сите жители да се приклучат во славењето на многуте придонеси кои македонските Американци ги имаат во САД, истакнувајќи дека македонско-американската заедница овој месец одбележува 32 години од независноста на македонската држава.

Освен во Чикаго, македонската култура месецов се слави и во градот Рејнолдсберг, Охајо, каде градските власти најавија дека македонското знаме ќе се вее пред општината до крајот на септември.

Пред повеќе од еден месец, републиканскиот сенатор од Индијана Мајк Брон претстави резолуција во Сенатот да се прогласи септември 2023 година за месец на македонско-американско наследство, за време на кој ќе се слават јазикот, историјата и културата на македонските Американци.

Во резолуцијата се вели дека е важно да се истакнат клучните придонеси и културно влијание на македонските Американци во САД.

Резолуцијата спонзорирана од Брон, кој е единствен сенатор што е член на групата пријатели на Македонија и македонските Американци во Конгресот, прво треба да биде одобрена од сенатскиот комитет за судство, пред за неа да гласа целиот Сенат.

Иницијативата за резоулцијата ја поднесе Обединетата македонска дијаспора (ОМД).

На 23 септември во Чикаго треба да биде претседателот Стево Пенадровски, кој ќе присуствува на настан организиран од „Македонија 2025“.

Слични содржини