Со воздушна поддршка и противпожарни сили од земја се дејствува врз двата големи пожара во Чашка и Долнени

од Nikola Popovski
158 прегледи

Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека пожарот во атарот на с.Црнилиште, Општина Долнени, што почна околу 11:25 часот вчера (14.09.2023 година), се прошири на два крака и тоа во правец на с.Долгаец и кон с.Стровија. Опожарена е голема површина на уредена шума. Интервенираат Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Прилеп со 11 пожарникари и три (3) ПП возила, пет (5) вработени од ЈП „Национални шуми, подружница „Црн Бор“ од Прилеп со специјално возило и четири (4) лица од Ловечко друштво с.Црнилиште.

Во координација со локалните структури, во поддршка на лицата кои гаснат од земја, приклучени се еден хеликоптер на МВР и трите противпожарни (ПП) авиони „ер трактори“ на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС). Истите досега направија неколку успешни налети, со што кракот што се движи кон с.Долгаец е локализиран и се пристапува кон негово целосно доизгаснување. По ова веднаш дејството на хеликоптерот на МВР е ориентирано врз каркот од пожарот кон с.Стровија.

Се додава дека од околу 12:30 часот на територијата на Општина Чашка, кај селата Ореше и Богомила вчера (14.09.2023 година), започна пожар при што гори дабова шума и габер. На истиот од утринските часови интервенираат 10 вработени од ЈП „Национални шуми“ подружница „Бабуна“ од Велес.

Како воздушна поддршка, велат од ЦУК, во координација на силите кои гаснат од земја, е испратен хеликоптер на Армијата на Република Северна Македонија, што веќе неколку пати дејствува на сртот над селата Ореше и Богомила. Таму има „гола сеча“ од пред неколку години, но насобраниот отпаден материјал претставува висок ризик за гаснење од земја. Во текот на денот, веднаш, по намалување на опасноста на пожарот во Општина Долнени, трите ПП авиони „ер трактор“ и хеликоптерот на МВР е планирано да интервенираат во Општина Чашка.

Постои отворена можност, овие два пожара од општините Чашка и Долнени да се спојат во еден.

Слични содржини