Претседателот Стево Пендаровски во текот на годинава двапати добил предлог да помилува одредени политичари, меѓу кои и поранешниот премиер Никола Груевски, соопштија од Кабинетот на шефот на државата.
Се додава дека претседателот бил консултиран и да поддржи донесување на Закон за амнестија на актуелни и поранешни политичари.
Тие предлози, преку посредници, до претседателот Пендаровски беа упатени од политички и безбедносни структури кои се блиски до актуелната опозиција, како и од поранешни политичари, стои во соопштението од Кабинетот на Пендаровски.
Претходно портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски побара од претседателот Пендаровски да одговори кој од него барал амнестија на Груевски.
Пендаровски синоќа во емисијата „Трилинг“ рече дека бил консултиран пред 7-8 месеци на неформално ниво од „некои актери од политичката сцена“ за да го помилува Груевски, но категорично одбил. Според неговите зборови, „тој не е султан или монарх во државата“ и самиот да пресудува и решава што е право, а што не.
Коментарите на претседателот на државата и на портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ доаѓаат откако беа донесени измени на Кривичниот законик со кои се намалуваат казните за одредени кривични дела за кои се гонети поранешни политичари.