Претседателот на партијата Алтернатива, Африм Гаши смета дека шефот на државата, Стево Пендаровски го дал одговорот на неговото прашање упатено пред неколку дена – дали лидерот на ДУИ, Али Ахмети барал амнестија на поранешниот премиер Никола Груевски.
-На нашето прво јавно прашање „Дали Али Ахмети ги молеше, до небо, некои од меѓународната заедница, на средба во Скопје, да дозволат амнестија за Никола Груевски?!“, одговори претседателот Стево Пендаровски. Ви благодариме претседателе што ја потврдивте нашата информацијата! После ова се надевам дека редно е да одговори и тој на кого му е поставено прашањето, објави Гаши на социјалните мрежи.
Вчера од Кабинетот на Пендаровски информираа дека во текот на годинава двапати добил предлог да помилува одредени политичари, меѓу кои и поранешниот премиер Никола Груевски.
-Тие предлози, преку посредници, до претседателот Пендаровски беа упатени од политички и безбедносни структури кои се блиски до актуелната опозиција, како и од поранешни политичари, стои во соопштението од Кабинетот на претседателот.
Пендаровски пред два дена во емисијата „Трилинг“ рече дека бил консултиран пред 7-8 месеци на неформално ниво од „некои актери од политичката сцена“ за да го помилува Груевски, но категорично одбил. Според неговите зборови, „тој не е султан или монарх во државата“ и самиот да пресудува и решава што е право, а што не.
Коментарите доаѓаат откако беа донесени измени на Кривичниот законик со кои се намалуваат казните за одредени кривични дела за кои се гонети поранешни политичари.