Со 82 гласа „за“, без против и воздржани, пратениците денеска донесоа одлука за основање анкетна комисија за скандалот во ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија.
Предлогот поднесен од пратениците од ВМРО-ДПМНЕ беше поддржан од повеќето присутни пратеници.
Мнозинството од шест пратеници и претседател ќе бидат од ВМРО-ДПМНЕ, четворица од СДСМ, двајца од ДУИ и еден од Алијанса. Анкетната комисија ќе има право да предлага сведоци, експерти кои ќе даваат изјави пред пратениците во врска со случајот и во рок на еден месец треба да достават извештај до собранието со кој ќе се утврдува политичка одговорност.
Тим од јавни обвинители и истражители од Основното јавно обвинителство Скопје преземаат дејствија за испитување на наводите кои првично упатуваат на основи за сомнение за сторени кривични дела против здравјето на луѓето и проневера во службата на Клиниката за радиотерапија и онкологија, соопштуваат од Јавното обвинителство, во однос на објавените информации дека со години на клиниката имало злоупотреби со лековите за болните од рак.
До овој момент, велат од обвинителството, од Клиниката е обезбеден обемен доказен материјал и документација која веќе е предмет на анализа.
„Се извлекуваат податоците со истории за третманот на групи пациенти кои примале биолошка терапија на Клиниката, како и медицински истории на уште околу 40-тина пациенти за кои се врши директна проверка на податоците за лекувањето. Основното јавно обвинителство Скопје формираше тим од експерти кои вршат анализа на целокупното економско-финансиско работење на Клиниката, како и анализа на податоците од здравствените истории на пациентите“, велат од обвинителството.