Уставниот суд ја поништи графата националност во Упатството за издавање изводи

од Nikola Popovski
431 прегледи

Уставниот суд донесе одлука за поништување на Упатството за водење на матични книги, во кој е додадена и графа за етничка припадност – акт донесен од Министерството за правда, поради тоа што не бил испочитуван рокот во кој требало да се објави ова упатство. Одлуката е донесена со мнозинство гласови.

-Кога Уставниот суд донесува поништувачка одлука, тоа значи дека одлуката има ретроактивно дејство, сметано од моментот на донесувањето на актот којшто се поништува, информира портпаролката на Уставниот суд, Христина Беловска.

Упатството е поништено бидејќи Судот оценил дека е направена повреда на членот 52 став 2 од Уставот. Тој член предвидува рок за објавување најдоцна за 7 дена од денот на донесувањето.

Граѓаните што веќе извадиле извод додека важело Упатството, ќе треба самите да бараат поништување на документот.

Предметот беше формиран согласно деловничките одредби кои даваат овластување на Уставниот суд и сам да поведе постапка за оценување на уставност на закон, односно уставност и законитост на пропис или друг општ акт.

Министерот за правда Кренар Лога на 29 мај годинава го потпиша Упатството за изменување и дополнување на Упатството за начинот на водење, заштита и чување на матичните книги и списи каде ќе стои графа за етничка припадност. Упатството требаше да почне да се применува од 1 јануари 2024 година.

-Нови изводи на родени со графа националност. Упатството не се коси со законите, туку е во согласност со Законот за матична евиденција, соопшти тогаш Лога и извади извод од матичната книга на родените во кој е евидентиран како Албанец.

Законот за матична евиденција, е донесен во 1995 година и во него се предвидува во матичната книга да се води податок за националноста на родителите, но не и во изводите на родени.

Слични содржини