МВР апелира да не се наседнува на лажни електронски „судски покани“ во име на директорот на БЈБ, станува збор за обид за измама во меѓународни рамки

од Nikola Popovski
262 прегледи

Деновиве во МВР пристигнаа пријави од граѓани за добиенa електронска порака наводно во име на директорот на Бирото за јавна безбедност Сашо Тасевски, во која во вид на наводна покана за суд, примачот на пораката се известува дека е предмет на правни постапки за низа измислени кривични дела, кои ги нема сторено, како детска порнографија, педофилија, егзибиционизам… Притоа, примачот на пораката се повикува да се регистрира преку мејл и да ги даде неговите лични податоци, информираа од полицијата.

МВР ги известува граѓаните дека станува збор за лажна порака која не е испратена од страна на МВР, односно од БЈБ. Како што велат, овие електронски пораки се класичен обид за измама во кој целта на измамниците е да дојдат до личните податоци на граѓаните со цел нивна понатамошна злоупотреба.

Судските покани не се испраќаат преку мејл, а и доколку внимателно се прочитаат овие пораки, видливо е дека станува збор за измама. Затоа, апелираме на посебно внимание, овие пораки да не се отвораат, да не се контактира испраќачот и никако да не се споделуваат личните податоци кои ги бараат измамниците. Исто така, предупредуваме да не отворате линкови и датотеки кои се испратени во прилог на електронска порака која доаѓа од непознат испраќач, со цел заштита на вашиот компјутерски систем од малициозен софтвер, бараат од МВР.

Воедно информираат дека ваквите обиди за измама се со меѓународен предзнак, имајќи предвид дека електронски пораки со слична содржина, а со иста цел – злоупотреба на лични податоци, во изминатиот период беа испраќани и на граѓани во земјите од регионот.

Слични содржини