Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел денеска ги покани министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ на состанок во Киев, што ќе биде првпат ваква средба да се одржи надвор од границите на ЕУ.
„Денеска ги свикувам министрите за надворешни работи на ЕУ во Киев, на првиот состанок на сите 27 земји членки надвор од ЕУ. Иднината на Украина е во ЕУ“, напиша Борел на својот профил на мрежата Х.
Тој претходно рече дека на тој состанок не треба да се очекуваат одлуки, бидејќи се работи за неформална средба, а неформалните средби најчесто се посветени на подлабоки политички дискусии, а не на донесување конкретни одлуки, пренесува „Танјуг“.
Запрашан дали на средбата ќе биде донесена одлуката за доделување помош од 20 милијарди евра за Украина, тој рече дека одлуката ќе биде донесена, „но не можам да ви кажам дали следната недела или следниот месец“.