Курти: Повеќето од инволвираните во нападот во Бањска биле од „Цивилна заштита“ и „Северна бригада“

од Stefanija Kuzmanovska
273 прегледи

Косовскиот премиер Албин Курти во вторникот изјави дека прелиминарните информации од косовските власти покажуваат дека повеќето од лицата вклучени во нападот на косовската полиција во Бањска биле од организациите „Цивилна заштита“ и „Северна бригада“.

Како што пишува „Радио Слободна Европа“, владата на Косово во јуни годинава ги прогласи овие две организации за терористички со образложение дека нивни членови стојат зад немирите на северот на Косово и дека тие „претставуваат сериозна и директна закана за уставниот поредок и безбедност на Косово“.

На 24 септември, наредникот на косовската полиција Африм Буњаку беше убиен во напад во Бањска на северот на Косово. Тогаш косовската полиција уби тројца напаѓачи во размена на оган со вооружена група.

Курти смета дека најважното прашање во моментов е безбедноста на Косово и казнувањето на лицата кои ја нападнаа косовската полиција.

„Казната за напаѓачите значи казна за Србија, која финансиски, воено, логистички, политички, јавно, официјално го поддржа она што се случи во Бањска во Звечан, но во исто време и екстрадиција, предавање на сите кои се гонат (кривично) затоа што избегаа од злосторствата од нашата земја“, рече Курти на дневен настан.

Косово за овој напад ја обвини Србија, што официјален Белград го демантираше со изјавата дека Србите не сакаат повеќе да го трпат „теророт на Курти“.

Во меѓувреме, на 29 септември, Милан Радоичиќ ја презеде одговорноста за организацијата и нападот во Бањска. Истиот ден тој поднесе оставка од функцијата потпретседател на Српската листа, најголемата партија на косовските Срби, која има поддршка од Белград.

Радоичиќ и пред нападот на косовската полиција, официјална Приштина го поврзуваше со криминални активности, а од декември 2021 година е под санкции на САД, поради сомневања за организиран криминал и корупција.

Западните земји и Европската унија остро го осудија нападот врз косовската полиција во Бањска и побараа напаѓачите да бидат пронајдени и изведени пред лицето на правдата.

Слични содржини