Професионалните, добро обучени и искусни кадри, не се заинтересирани за работа во општинската администрација  

од Vladimir Zorba
462 прегледи

Архитекти, градежници,економисти.., ова се  кадрите кои  се почесто стануваат дефицитарни во најголем број од единиците на локалната самоуправа. Речиси нема градоначалник кој не се жали на недостиг од квалификувана работна сила,а проблемот станува особено загрижувачки во големите општини, каде на конкурсите за вработување не се пријавуваат искусни, добро обучени работници од овие области. Според првите луѓе на општините, вистинските тешкотии допрва ќе следуваат кога во пензија ќе заминат сите оние на кои всушност најмногу се потпира општинската администрација.

„Се поретко  или воопшто не можеме да најдеме инженер кој е неопходен за да може локалната самоуправа да ги реализира своите надлежности. Генерално, во општината ги имаме потребните кадри, екипирани се одделенијата, но за 2-3 години  голем број луѓе со носечка стручност,  заминуваат во пензија  Од  девет места за инспектори имаме 6 што е доволно за сега ,но кога ќе заминат дел од нив во пензија или поради други  различни причини, ќе имаме проблем. Во Агенцијата за вработување нема градежни инженери, нема кого да ангажираме бидејки никој не е пријавен дека бара работа како градежен инженер. Исто се случува и со други струки кои се потребни , а кои  не можеме ни регионално да ги најдеме“, вели за Локално, градоначалникот на Берово, Звонко Пекевски.

Како основни причини за ваквата состојба градоначалниците го посочуваат трендот на иселување на младите луѓе, релативно ниската плата, како и долгата и сложена процедура за вработување на неопределено време.

„Согласно законот за државни службеници примањата се секаде исти.Просечната плата со завршено високо образование  се движи од 27 000 – 36 000 ден.и таа не е атрактивна за младите луѓе. Дополнително,  никој не сака да работи со договор на определено време. Зошто некој архитект, градежен инженер, ревизор, би работел во општинската администрација без сигурно работно место, со релативно ниски плати? Оттука, тешко е да се обезбеди квалитетен работник на задоволство на сите“, вели за Локално , градоначалникот на Јегуновце, Димитар Костадиноски.

Во вакви услови,  лицата кои бараат работа се многу позаинтересирани за приватниот сектор.

„Проблемот може да се надмине само со зголемени плати, тоа е основната мотивација за младите луѓе да останат во земјава.Ние даваме се од себе, се мачиме, но  ситуацијата  не оди во наша полза. Пред една година , машинскиот инженер од општината замина да работи во приватниот сектор бидејки платата таму му е 100 % повисока,  а ние три месеци не можевме да најдеме човек со искуство. Нас ни се потребни работници со искуство, со нив полесно и постручно се работи во одделите за економски развој или во  урбанизам.Тоа ги носи приходите во општината“, посочи  за Локално, градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов

Единствен расположив механизам кој во моментов им стои располагање на градоначалниците е меѓуопштинската соработка која овозможува едно лице со потребна стручност и образование да опслужува неколку општини. Сепак, за првите луѓе на единиците на локалната самоуправа овој модус не е функционален бидејки како што објаснувааат, ефиканоста на завршената работа најмногу зависи од физичката присутност на определен кадар.

Во вакви ситуации процесот се одоговлекува и усложнува,а граѓаните не се задоволни од добиената услуга..Според нив, , негативните последици од ваквата ситуација најмногу ќе ги почувствуваат граѓаните кои очекуваат квалитетни услуги од општинската администрација.На овој начин, велат,  единиците на локалната администрација нема да можат да го остварат својот целосен капацитет како сервис поради што целиот систем ќе се соочи со огромни тешкотии.

К.В.С.

Слични содржини