Застарува и „Продуцент“, Талевска и Димовски нема да одговараат

од Nikola Popovski
301 прегледи

Судот донел решение со кое ја запира постапката за кривично гонење за случајот „Продуцент“ против поранешниот министер за земјоделство од Социјалистичката партија, Љупчо Димовски, и новинарката Ивона Талевска. Ова го соопштија денеска од „Коалицијата за правично судење“.

-На 17.10.2023 година беше закажано рочиште по следниот предмет: „Продуцент“ на кое рочиште јавното обвинителство предложи судот да донесе решение за запирање на кривичната постапка поради измените на Кривичниот законик. Судот донесе решение со кое ја запре постапката поради настапување на апсолутна застареност на кривичното гонење, велат од Коалицијата преку објава.

Лани во мај, поранешниот министер за земјоделство и актуелен пратеник од Социјалистичката партија, Љупчо Димовски, и новинарката Ивона Талевска седнаа на обвинителна клупа, за предметот за кој истрагата беше отворена уште од СЈО, а сега е во надлежност на Државното обвинителство.

Димовски се сомничи за злоупотреба на службата, бидејќи, според обвинителството, во во ноември 2009 година склучил договор со фирмата Смарт Центар ДООЕЛ Скопје во вредност од 50.000 евра. Според договорот, фирмата настапувала како продуцент на емисијата „Боја на парите“ која се емитувала на ТВ Сител.

Обвинителството тврди дека  процесот бил направен без спроведена јавна набавка, односно ваква јавна набавка можело да се нарача само од телевизиска куќа, но не и од фирма. Инаку, фирмата Смарт Центар повеќе не е активна, а последен сопственик и управител е новинарката Талевска, која беше и водител на емисијата.

Талевска се сомничи за помагање во истото дело, а во врска со склучување договор од околу 50 000 евра, без јавна набавка.