Единственото решение за конфликтот меѓу Палестинците и Израелците што трае уште од 1882 година е етничко чистење од страна на еден од инволвираните народи извршено врз другиот, вели во разговор за „Локално“, Сем Вакнин, израелски аналитичар и поранешен советник во Владата во времето на владењеето на експремиерот Никола Груевски.
Според него, двете страни одржуваат максимални позиции и жалење за жртвите, но и двете инсистираат да поседуваат 100% од територијата на Палестина/Израел.
-Во моментов, Израел е подготвен да им се одмазди на жителите на Газа за злосторствата на 7-ми октомври и да го уништи Хамас. Но, Хамас е симптомот, а не болеста како што е израелската окупација. Ако Израел успее да го искорени, на негово место ќе дојде друга терористичка организација на отпорот. Истото важи и за Хезболах. Израел е хартиен тигар. Нејзината армија е во лоша состојба, слично на руската армија. Доколку Израел се соочи со агресија на неколку фронтови – Либан, Сирија, Западниот Брег и Газа, ќе биде поразен, оценува Вакнин.
Посочува дека Американците се свесни за слабоста на Израел и дека тоа е причината зошто тие пренесуваат воени средства во регионот.
-Вклучувањето на Иран може да доведе до ескалација на овој локален конфликт во регионален, слично како што се случи во Виетнам, смета соговорникот.
Вакнин е дециден дека двете страни редовно вршат воени злосторства врз цивили и порачува дека тероризмот не се разликува ништо посебно од државниот тероризам.
Аналитичарот не очекува дека ситуацијата во Блискиот исток да се прошири и на тамошните соседни држави.
-Постои голема шанса за вмешаност на Хезболах поради непропорционалните реакции на Израел на неговите првични провокации. Сирија, исто така, може спорадично да го поддржува Хезболах. Но, се сомневам дека овој конфликт ќе вклучи други актери. Палестинците со текот на годините ги отуѓија буквално сите свои поддржувачи. Тие се политички, дипломатски и воени сирачиња, пиони во рацете на Катар, Израел и Иран, ни рече Вакнин.
На прашањето дали ситуацијата во Украина им даде крилја и на другите „задушени“ конфликти, како тој во Нагорно Карабах и Косово, Вакнин оценува дека со поддршка и помош на Кина, Русија ја трансформираше својата инвазија на Украина во прокси војна со Западот.
-Ова доведе до ескалација на конфликтите по должината на раседните линии меѓу Истокот и Западот низ целиот свет, вклучително и на Блискиот Исток и наскоро во Тајван. Ние сме во мака на глобално престројување на моќта, слично на периодот од 1950-тите и 1960-тите кога Западот се обиде да ги задржи СССР и комунистичка Кина, анализира соговорникот, истакнувајќи дека САД се поларизирани и парализирани.
-Немаат буџет. Едвај може да поддржат со воена помош повеќе од 2 конфликти истовремено. НАТО е недоволно финансиран и недоволно обучен. Како што Украина наскоро ќе дознае, Западот не е сигурен или долгорочен сојузник, заклучува Вакнин.
Синоќа Хамас ослободил двајца американски заложници „од хуманитарни причини“, објавија утрово западните агенции. Кабинетот на израелскиот премиер Бенџамин Нетанјаху ги именуваше како Џудит Раанан и нејзината ќерка Натали Раанан. Мајката има 60, а ќерката 18, изјави за „Sky News“ извор кој ги познавал заложниците.
Абу Убаида од вооруженото крило на милитантната организација истакнал дека ослободувањето е одговор на напорите за посредување на Катар. Тој додал дека заложниците биле ослободени за „да му докажат на американскиот народ и на светот дека тврдењата на Бајден и неговата фашистичка администрација се лажни и неосновани“.
По ослободувањето на заложниците, израелскиот премиер изјави дека неговата земја ќе се бори до конечна победа, сугерирајќи дека нема да ги запре нападите врз Газа.
Н.П.