Украина ги продолжува подготовките за мировен самит со цел да се стави крај на војната, изјави претседателот Володимир Зеленски по разговорот со неговиот турски колега Реџеп Таип Ердоган, пренесе Ал Џезира.
Следниот чекор ќе биде уште еден состанок на советниците за национална безбедност од неколку сојузници на Украина, кој треба да се одржи во Малта од 28 до 29 октомври, пренесе ДПА.
За време на тие разговори за мировната формула, Турција ќе придонесе и со својот авторитетен глас и став, напиша Зеленски на социјалната мрежа Х, поранешна Твитер, по телефонските консултации со Ердоган.
Зеленски ја окарактеризира оваа формула, која предвидува повлекување на руската армија од Украина, како единствена остварлива иницијатива за ставање крај на војната. Мировните иницијативи на многу други земји, вклучително и Кина и Бразил, беа главно отфрлени од Украина.
Во август, претставници на околу 40 земји учествуваа на голем состанок за формула за мир за Украина во Саудиска Арабија. Русија не беше поканета. Украина планира да организира мировен самит до крајот на годината.
Зеленски му се заблагодари на Ердоган за неговата цврста поддршка во борбата за украинскиот суверенитет и територијален интегритет. Тој не откри детали од средбата планирана во Малта.
Сепак, според претходните изјави од Киев, настанот ќе се однесува и на западните безбедносни гаранции против идната руска агресија.