Сопругата на претседателот, г-а Елизабета Ѓоргиевска, вчеравечер имаше завршно обраќање на свеченото затворање на 7. Меѓународен психијатриски конгрес, којшто од 26 до 29 октомври 2023 година се одржуваше во Охрид.
На 7-миот Македонски психијатриски конгрес со меѓународно учество, во организација на Психијатриското здружение на Македонија и соработка со Институтот за Алцхајмерова болест и невронаука од Скопје, кој се фокусира на темата „Предизвиците во психијатријата и менталното здравје во третата деценија на 21 век”, проф. д-р Ѓоргиевска им се заблагодари на реномираните експерти во областа за споделувањето на своето знаење.
Проф. Ѓоргиевска реафирмираше дека полето на психијатријата и менталното здравје се соочува со низа сложени предизвици и дека едно од најважните прашања е зголемената преваленца на нарушувања на менталното здравје. „Решавањето на овие предизвици бара сеопфатен пристап кој не само што се фокусира на третманот, туку и ја нагласува превенцијата и дестигматизацијата. Неопходно е да ја промовираме свеста за менталното здравје и да се погрижиме оние на кои им е потребно да имаат пристап до квалитетна нега, без оглед на нивните околности.” – потенцираше сопругата на претседателот.
Во рамки на свеченото затворање на 7. Меѓународен психијатриски конгрес, проф. д-р Ѓоргиевска му ја врачи наградата „Alexander Kurz” на проф. Звездан Пиртосек, признание коешто го доделуваат организаторите на конгресот.