Рускиот претседател Владимир Путин потпиша закон според кој Русија ја повлекува ратификацијата на Договорот за сеопфатна забрана на нуклеарни тестови.
Законот стапува на сила на денот на неговото официјално објавување, пренесува руска „Фонтанка“.
Државната дума го усвои законот во третото читање на 18 октомври, а Комитетот на Советот на Федерацијата за меѓународни прашања и Комисијата за одбрана и безбедност го поддржаа и препорачаа на усвојување. На 25 октомври тој беше едногласно одобрен од сенаторите на Советот на Федерацијата.
Да потсетиме, претходно беше најавено дека Русија ќе ја повлече ратификацијата на Договорот за сеопфатна забрана на нуклеарни тестови (CTBT) поради неодговорниот однос на Соединетите Американски Држави кон глобалната безбедност.
Русија вели дека целта е да се врати паритетот со Соединетите Држави, кои го потпишаа, но никогаш не го ратификуваа договорот од 1996 година, но дека нема да продолжи со нуклеарните тестови доколку Вашингтон не го стори тоа.