Денеска, (06.11.2023) во кругот на Министерството за внатрешни работи, била предадена донација од Фондацијата Заев, која се состои од 6 мотоцикли за потребите на МВР и македонската полиција.
Директорот на Фондацијата, Зоран Заев, ја предал донацијата на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, со цел подобри резултати на повеќе организациони единици при Министерството.
-Министерството за внатрешни работи има силен сојузник во Фондацијата Заев, чијашто помош и поддршка се од огромно значење за дополнително зајакнување на капацитетите, а со цел зголемување на ефикасноста при оперативното работење на единиците при МВР. Тоа значи дека го модернизираме возниот парк по највисоки стандарди, а со тоа придонесуваме кон уште поголема безбедност на граѓаните и државата.
Министерот Спасовски, во свое и во име на МВР, изрази благодарност до Фондацијата Заев за оваа важна донација, при што истакна дека безбедноста зависи од секој еден, ја креираат сите општествени чинители, и е од клучна важност да се препознае општествената одговорност, а потоа и да се дејствува во таа насока. Воедно, Спасовски потенцираше дека мотоциклите се наменети исклучиво за оперативната работа на полициските служби, стои во соопштението од МВР.