Две години однесување како вошка во перика, каматите паѓаат на грбот на скопјани, вели Шилегов за „Бас рапид транзитот“

од Nikola Popovski
374 прегледи

Мојот професор Марјановиќ, своевремено велеше: на будалите од после им текнувa, објави екс-градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, откако денеска неговата наследничка Данела Арсовска соопшти дека биле отстранети пречките за новиот „Бас рапид транзитот“ во главниот град.

-После 2 години однесување како вошка во перика, заради очигледната некомпетентност, немање визија и основно познавање, новото градско раководство се враќа онаму каде што требаше да продолжи пред 2 години. Реализација на целосно разработен проект со обезбедена финансиска констукција, одобрен од меѓународната и домашна стручна јавност како најоптимално решение за Скопје, сподели Шилегов на социјалните мрежи.

Според него, „фрлањето прашина во очи со отстранување на грешките на претходното градско раководство не го разбирам како ништо друго, освен како очаен обид да се обезбеди алиби за сопствената глупост“.

-Впрочем, 2 години сме сведоци дека незнаењето го кријат со перманентен конфликт и караници со секого, вклучително и со сопствените директори. Загубените 2 години (досега ќе беше во полн ек изградбата) и парите кои како камати се платени во меѓувреме, за жал, повторно паѓаат на грбот на Скопјани, потенцира Шилегов.

Во април 2021 година, тогашниот градоначалник, министерот за финансии, Фатмир Бесими, министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски и претставникот на Европската банка за обнова и развој го потпишаа Договорот за „Брзи автобуси“ во Скопје ( Бас Рапид Транзит превоз), во износ од 70 милиони евра.

Со проектот требаше да се воспостават две линии со коридори резервирани само за автобусите и тоа од Ѓорче Петров до Ново Лисиче, и од Бутел до Кисела Вода. За трасата од Ѓорче Петров до Ново Лисиче долга 12,80 километри во една насока, се предвидени 21 станица, два терминала – постоечкиот во индустриската зона во Ѓорче Петров и во населбата Ново Лисиче, каде што требаше  да биде изграден нов терминал.  Шилегов тогаш најави дека најдоцна до крајот на 2024 година во Скопје ќе треба да профункционира линијата од Ново Лисиче до Ѓорче Петров, додека втората линија од „трамвајот на тркала“ ќе се пушти во употреба во 2025 година.

Според првичните проценки, вкупниот број на патници кои ќе ја користат оваа траса е околу 65 илјади луѓе дневно. Со имплементацијата на БРТ, се очекуваше времето на патување со јавниот превоз во Скопје од сегашните 70 минути, да се преполови на 35 минути.

Слични содржини