Путин: Никогаш не се откажавме од мировни преговори со Украина

од Stefanija Kuzmanovska
270 прегледи

Мора да размислиме како да ја запреме трагедијата во Украина, изјави рускиот претседател Владимир Путин на онлајн самитот на Г-20, со кој претседаваше индискиот премиер Нарендра Моди.

„Патем, Русија никогаш не се откажа од мировните преговори со Украина. Не Русија, туку Украина јавно објави дека се повлекува од преговарачкиот процес. Дополнително, потпишан е декрет – указ на шефот на државата за забрана на такви преговори со Русија“, истакна Путин, а пренесува „Спутник“.

Рускиот лидер, коментирајќи ги изјавите на неговите колеги за шокот поради ситуацијата во Украина, исто така рече дека воените дејствија се секогаш трагедија за конкретни луѓе и дека треба да се размислува како да се запре таа трагедија.

„Некои колеги веќе кажаа во своите говори дека се потресени од руската агресија во Украина. Да, се разбира, воените дела се секогаш трагедија. Конкретни луѓе, конкретни семејства и земји во целина, и се разбира, треба да размислиме како да ја запреме оваа трагедија“, рече Путин.

Рускиот претседател се запраша и зошто светските лидери „не се потресени“ од зборовите на генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш дека Газа е претворена во огромна детска гробница.

„Разбирам дека тоа е војна, загубата на животи не може а да не нè потресе. А крвавиот државен удар во Украина во 2014 година, проследен со војната на режимот во Киев против сопствениот народ во Донбас, не ве потресува ли тоа? А истребувањето на цивилното население во Палестина и појасот Газа денес не е потресно? Зарем не шокира фактот што лекарите треба да вршат операции на деца, операции на стомак, со скалпел на телото на детето, без анестезија? И зарем не е шокантно што генералниот секретар на Обединетите нации изјави дека Газа се претвори во огромна детска гробница?“, нагласи рускиот претседател.

Според него, продолжуваат обидите за создавање конфронтирачки ситуации во светот. Рускиот лидер потсети дека Групата 20 е создадена за да најде решенија за итни прашања од меѓународната социо-економска агенда. Тој посочи дека ваквиот консолидирачки пристап е многу потребен.

Слични содржини