Словенечката полиција изрече казни во вредност од речиси 6 милиони евра во период подолг од две години додека траеше заканата од инфекција со тогаш новата болест ковид-19. Меѓу нив беше и доставувачот на храна кој накратко застанал на скалите на блиската црква во Љубљана. Тој седна, ја извади маската, која тогаш беше задолжителна на јавни места и токму кога требаше да започне да јаде од топлиот бурек, полицијата го опколи.
Фотографијата стана позната
Сцената е снимена со камера. А фотографијата на која полицијата го опкружува работникот, кој им носел храна на други, поради вадење на маската набрзо стана позната.
Сега тој доставувач ќе си ги врати парите и ќе му биде избришано полициското досие. Истото важи и за повеќе од 60.000 други Словенци кои ги прекршиле мерките против ковид.
Ова го исполни ветувањето дадено од премиерот Роберт Голоб пред неговото централно-левичарско Движење за слобода да биде избрано минатата година. Претходната десничарска администрација, предводена од поранешниот премиер Јанез Јанша, воведе строги ограничувања на слободата на движење и собирање. На различни места, на Словенците не им беше дозволено да патуваат надвор од нивните локални области – а полициски час беше на сила ноќе.