Полицијата го потврди денешниот настан во основното училиште во општина Карбинци, но со друга верзија во однос на таа на градоначалникот Виктор Паунов. Според МВР, машко лице со возило „голф“ поканило ученичка да влезе во неговата кола за да одат на кафе, но таа веднаш се вратила назад во училиштето.
– Денеска (05.12.2023) во 09.52 часот во СВР Штип од Основно училиште во Општина Карбинци е пријавено дека околу 09.30 часот во училишниот двор со патничко возило „голф“ дошло младо машко лице, кое според пријавеното, поканило ученичка да влезе во неговата кола за да одат на кафе, но таа веднаш се вратила во училиштето и пријавила кај директорката. Се работи на расчистување на случајот, наведено е во соопштението на СВР Штип.
Додаваат дека пласирањето на ваквите шпекулации, од кои дел и во дневно-политички цели, е со цел да предизвикаат паника, вознемиреност, постојано чувство на страв и несигурност кај граѓаните.
-Апелираме до граѓаните да не наседнуваат на вакви шпекулации. Исто така, им благодариме на медиумите кои ги проверуваат информациите во надлежните институции, велат од полицијата.
Од друга страна, Паунов денеска во изјава за медиумите рече дека дошло до обид за грабнување на основци од училишниот двор. Според него, немилиот настан се случил некаде после 9:30 часот.
-Имало обид за грабнување на двајца ученици. Она што го имам од распитот со инспекторите и разговорите со присутните, киднапирите обиделе да ги внесат во автомобилите. Возилото доаѓа во влезот на училиштето. Безбедносните камери го имаат фатено возилото. Се работи на утврдување на регистарските таблички и расчистување, кажа Паунов, додавајќи дека децата се спасиле сами, но и со помош на вработени во училиштето.
Тој апелира да нема преголема вознемиреност до родителите, но и до СВР Штип да биде зголемено присуството на полицијата.
Директорката на училиштето, Наталија Костова го потврдила настанот и изјавила дека киднаперите успеале да избегаат.