ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека МВР направила низа пропусти во истрагата за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. Од партијата бараат одговори зошто веднаш МВР не тргнала во потрага по возилото на убиениот Панче по што полицијата ширум државата преку редовни контроли можела да го лоцира за неколку часа.
Според најголемата опозициска партија, доколку имала централна објава за возилото на тогаш исчезнатиот Панче многу мала е веројатноста дека истото слободно ќе се движело низ Скопје.
-Истовремено Спасовски мора да каже зошто МВР не стапило во контакт со СВР Скопје, за преку системот Сејф Сити да се утврди дали истото е регистрирано на територија на Град Скопје, кога и каде.Системот ги имал сите мерки на располагање убиството на Панче да биде расчистено многу бргу, преку пронаоѓање на возилото кое му е одземено.Доколку МВР на Спасовски го пронашла возилото на убиениот Панче ќе дошла веднаш и до убијците, а животот на Вања ќе беше спасен.Спасовски е должен да одговори, зошто истрагата е водена бавно и со пропусти?, прашаа од „Белата палата“.
Исто така обвинуваат дека „власта негувала монструозен лик како Палевски кој прерасна во Франкештајн“.
-Доказ за тоа е неказнивоста која ја уживаше Палевски и што никогаш не одговарал за нелегалните дејанија. Најдобар пример за тоа е полицискиот записник од мај месец оваа година, кога полицијата го фаќа Палевски и неговата група, која патем е идентична со оваа која сега е осомничена за двојното убиство, им наоѓа нелегално оружје и како што гледаме после тоа нема никакви последици и санкции, стои во партиското соопштение.