Откако речиси е договорено дека претседателот на Собранието, Талат Џафери ќе биде новиот технички премиер на Владата, во последните 100 дена пред изборите, од ДУИ веќе целат и кон другата визија како што велат – претседател на државата. Според министерот и портпарол на партијата од Мала Речица, Бујар Османи, назначувањето на Џафери е историски чекор, ама фрлаат око и на претседателката фотелја за шеф на државата. Се огласија и од СДСМ, поточно премиерот и лидер на партијата, Димитар Ковачевски кој истакна дека СДСМ ќе има свој претседателски кандидат за изборите и тој ќе биде од нивните редови. За Ковачевски, кандидатот ќе биде и иден претседател на државата по гласањето во април и мај.
Со ваквите спротивставени ставови се остава простор дека е можна нарушена хармонија меѓу двете владеачки партии, иако веќе се блиску до договор за настап на заеднички листи пред парламентарните избори. Иницијаторот на „Движењето за нова република“, Ивон Величковски во разговор за „Локално“ порачува дека општа е потребата за претседател на републиката, а не од четврти мандат на Ѓорѓе Иванов. Како што истакнува, во 2024, можеби еднакво како во 1991, имаме огромна потреба од претседател што спојува, охрабрува, презема одговорност и води нација низ предизвици.
-Таков кандидат веќе не може да се изнедри од традиционалните „системски“ ликови на ПЈРМ, а од претседателскиот кандидат ќе зависи и исходот на парламентарните избори. За тоа се свесни сите, вклучително и СДСМ и ДУИ. Значи темата е профилот, карактерот, авторитетот на кандидатот, па до празниците, ќе се зборува за етничка, полова, партиска… припадност, а потоа – за суштината, каков претседател на републиката ни треба, оценува Величковски.
За нив во „Движењето за нова република“ и во една граѓанска држава и парламентарна демократија, посочува соговорникот, сите функции се достапни според добиена доверба на непосредни избори или посредно, од надлежниот орган на власта.
-Оттука, Џафери би имал легитимитет да ја врши премиерската должност по обете основи. Во поглед на искуството, и како министер за одбрана порано и сега како претседател на Собранието, Џафери има покажано дека доследно ги следи процедурите и законот и Уставот. Лично сметам и дека во Собранието манифестираше такт во особено специфични ситуации без дневно-партиски калкулации. Тоа во една „техничка“ влада може да биде од особено значење. Можеби политички е прашање зошто номинално вториот човек на државата ротира во премиерската позиција. Претпоставувам бидејќи според досегашните перформанси е најсоодветен во рушењето на „табуто“ Албанец да биде на чело на извршната власт, објаснува Величковски.
Во однос на тоа дали ВМРО-ДПМНЕ би се откажала од местата во техничката влада и од спречувањето евентуална злоупотреба на институциите во изборни цели, како што милуваа да кажат сите партии кои што досега беа во опозиција, лидерот на Движењето за нова република посочува дека дд односот кон Преспанскиот договор, Софискиот договор и францускиот предлог, ВМРО-ДПМНЕ се врати во нарацијата од 1996.
-Обидувајќи се да се претстави како „единствен претставник на Македонците“, раководството започна политички флерт со југословенизмот и бранење на концептот на “Република Македонска” во ПЈРМ и од партија пробува да ја врати ВМРО-ДПМНЕ во историскиот „mode“ на „Организација“ исклучиво за Македонците. Застапувајќи ваков концепт на привидна супремација спротивставен на граѓанската, личната рамноправност на Македонците со сите во и околу Северна Македонија, Мицкоски практично ги обесхрабрува Македонците. Политички гледано, одбивајќи да учествува во техничка влада, ВМРО-ДПМНЕ не само што би признало дека државата веќе не е „киднапирана“ поради што и се воведе принципот на техничка влада, туку и најавува потреба однапред да се огради од изборниот исход, смета Величковски.
За политичкиот аналитичар и извршен директор на невладината „Пулсот на демократијата“ Енвер Салихи, предлогот на ДУИ за Талат Џафери може да се толкува како двојна опција од која првата е исполнување на договорот ДУИ и СДСМ додека како второ е воспоставување на рамнотежа во челните позиции на државата како предлог на СДСМ.
-Ако судиме по оваа логика тогаш многу е веројатно Џафери да бил заедничка опција за двете партии и единствено можно решение во овој случај. Сметам дека нема ништо лошо од неговото именување со оглед на искуството и сметам дека нема потреба за глорификација или пак сатанизација од друга страна поради поларизацијата на нашето општество, рече Салихи за „Локално“.
Посочува дека е потребно ВМРО-ДПМНЕ да учествува во техничката Влада како не би се толкувало дека се против албанец “технички премиер” и секако поради нивна контрола и баланс за можни злоупотреби за изборни цели кои подоцна би реагирала истата.
-Од оваа гледна перспектива и со оглед на моменталните прилики во нашата држава би било невозможно да имаме претседател Албанец по националност на директни избори каде главниот збор ќе го имаат македонските гласачи. Како можност за Албанец претседател би бил избор на истиот во Собранието, кој процес би имал далекусежни бенефити и на сегашниот изборен процес за претседател кој има церемонијална улога во нашата држава, истакнува аналитичарот.
Вели дека наспроти гласањето на македонските кандидати за претседател на државата од страна на Албанците не е докажано и тешко би можело барем да се повтори успехот на поранешниот кандидат за претседател, Имер Селмани. Дециден е дека ни требаат уште многу години и реформи како би можеле во иднина граѓаните да бидат спокојни и да изберат и Албанец за претседател.
-Моментално освен политички договор и избор на истиот во Собранието нема шанси за друга можност, заклучува Салихи во својата анализа.
Н.П.