Екс-премиерот Зоран Заев изрази поддршка до поранешниот вицепремиер за економски прашања Кочо Анѓушев за, како што вели, докажување на неоснованоста за сомневањата кон него изразени од нашите пријатели Соединетите Американски Држави. Тој истакна дека ѝ стои на располагање за соработка на амбасадата на САД во Скопје, откако Анѓушев беше ставен на „црната листа“.
Заев порача дека Анѓушев и неговиот тим биле едни од најпосветените и најспособните, па оттука, според Заев, сите шпекулации биле неосновани.
„Анѓушев ја има мојата поддршка во докажување на неоснованоста за сомневањата кон него изразени од нашите пријатели Соединетите Американски Држави“, стои меѓу другото во писмениот допис на екс-премиерот до медиумите.
Анѓушев е ставен на црната листа не поради сомнеж, туку поради цврсти докази дека бил вмешан во коруптивни активности, истакна вчера американската амбасадорка Анџела Агелер. Таа вели дека САД точно знаат што направил Анѓушев и посочи дека најавената жалба од некогашниот вицепремиер нема да промени ништо. Ставањето нови и нови имиња на црната листа треба да им помогне на македонските власти да почнат да се справуваат со проблемите, порача Агелер.
Стејт департментот, исто така, означувајќи ги како генерално неподобни, им забранува влез во САД и на сопругата на Анѓушев, Елизабета, и неговите деца, Ангел и Огнен.
Пред неполн месец, на американската „црна листа“ завршија и Сергеј Самсоненко и неговата сопруга Ирина, како и Ратка Куновска-Камчева, мајката на Јордан Орце Камчев. Тие им се придружија на веќе споменатиот Јордан Орце Камчев, Рамиз Мерко, Никола Груевски и Сашо Мијалков.