Пратениците на Левица, Димитар Апасиев и Борислав Крмов, до Основното јавно обвинителство – Скопје, поднесоа заедничка кривична пријава против претседателот на Собранието на Република Македонија – Талат Џафери, заради основано сомневање дека сторил кривично дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“ – казниво по чл. 353 од Кривичниот законик, со запретена затворска казна до три години.
Според објавата на партијата, пријавениот се терети дека со отфрлањето на над 2.400 амандмани поднесени при второто читање на новиот собраниски Деловник го сторил делото кое му се става на товар – свесно оневозможувајќи го пратеничкото право на писмено поднесување и усно образлагање на поднесените амандмани на пленарна седница на Собранието.
-Со ова свое недозволиво, арбитрарно и самоволно дејствие тешко ги повредил уставните, законски и деловнички права на пратениците кои им се загарантирани во легислативната парламентарна постапка, како овластени предлагачи на закони и други општи акти, со што таксативно се исполнети сите законски услови за кривичен прогон против пријавениот. Ја известуваме македонската јавност дека до завршувањето на мандатот на овој најконтроверзен претседател на Собранието на независна Македонија, правниот тим на Левица ќе поднесе уште најмалку три кривични пријави за различни кривични дела против службената положба и овластување, а нивното процесуирање ќе биде услов на Партијата за учество во било која идна Влада на Република Македонија, посочуваат од Левица.
На 20-ти ноември, Крмов го нападна заменик претседателот на Собранието, Горан Мисовски. Пратеникот, видно изнервиран почна да ги фрла хартиите од аманадманите кон Мисовски. Крмов, барајќи од потпретседателот Горан Мисовски седницата да биде прекината, искрши дел од инвентарот, вклучувајќи и монитор од претседавачката маса и расфрлаше листови од амандманите, а потоа нему му се придружи и Димитар Апасиев. Над 9 илјади евра е штетата, покажале проценките од направеното вештачење на крим техниката на МВР, собраниската комисија, осигурителната компанија и бирото за судски вештачења.