СДСМ утрово обвини дека „политиката на блокади на анти-ЕУ ДПМНЕ и Мицкоски го изблокира и евоинтеграцискиот пат на државата“. Од партијата жалат за пропуштената шанса и велат дека пораките од Брисел можеа да бидат сосема поинакви, победничк и да се објави дека државата продолжува со отворање на поглавјата од сите кластери од преговорите со ЕУ.
-Но, се потврди дека единствен кочничар на државата е анти-ЕУ, анти-НАТО и проруската коалиција на ВМРО-ДПМНЕ и Левица.
Тие се виновни што не отвораме поглавја. Неисполнувањето на обврските за уставни измени е кочница на понатамошниот пат кон ЕУ. Народот уште еднаш можеше да се увери дека со овие политичари ќе биде лишен од можноста забрзано да се приклучи на прогресивното европско семејство, потенцираат од СДСМ.
Оттаму велат дека СДСМ не се откажува од европската перспектива на државата и граѓаните.
-Местото на Северна Македонија е во Унијата. СДСМ продолжува да работи на остварување на стратешката цел – членство во ЕУ до 2030 година, порачаа од владеачката партија.
Отворање поглавја што е можно побрзо со Северна Македонија и Албанија кога ќе ги исполнат условите, најави претседателката на Европската комисија Урсула Фон дер Лајен по самитот ЕУ – Западен Балкан во Брисел, што ќе бидат потврдени и на Европскиот совет.
ЕУ прати порака дека сака да го забрза приклучувањето на регионов во унијата и ќе се подготви за ново проширување кое мора да се заснова на заслуги.
-Единствена причина зошто не почнавме со отворање поглавја е неисполнувањето на условот од преговарачката рамка уставни измени, изјави премиерот Димитар Ковачевски.
ЕУ бара реформи во владеењето на правото, борбата со корупцијата, како и поголема регионална соработка и помирување. Покрај планот за раст на регионот, од ЕУ ќе има пари за справување со кибер-нападите, односно Скопје, Тирана и Подгорица ќе добијат два милиони евра за оваа цел.