Министерството за внатрешни работи целосно ги демантира лагите пласирани од партијата ВМРО-ДПМНЕ за наводно криење односно, како што велат, заташкување на пријавен случај во врска со лицето Зоран Глигоров, кој е генерален секретар на Град Скопје.
-Вистината е дека СВР Скопје постапило и за овој случај по сите процедури, како впрочем и за сите други случаи. Имено, по добиена пријава од Љ.Г. на 17.11.2023 веднаш полициски службеници излегле на местото на настанот. Љ.Г. на полициските службеници им кажала дека по вербалната расправија З.Г. се заканувал дека ќе си го одземе животот со пиштол. Од страна на полициски службеници преземени се мерки и активности и на З.Г. му бил одземен пиштолот за понатамошна постапка. Апелираме до ВМРО-ДПМНЕ да престане да шири лаги и да ја вознемирува јавноста, стои во соопштението на полицијата.
Од партијата соопштија дека по пријаватата од неговата сопруга, во раните утрински часови, на 17-ти декември, полицијата пристигнала во неговиот дом, каде биле затекнати видно вознемирени и исплашени, членовите на неговото семејство.
-Ова се кадрите на Арсовска, со кои го раководи градот Скопје, семејни насилници и лица со дискутабилна психичка состојба, стои меѓу другото во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Лани во септември, Глигоров беше назначен за генерален секретар на Град Скопје. Тој на оваа позиција доаѓа од местото Шеф на кабинет на градоначалничката Арсовска.