Русија значително го зголеми производството на оружје со цел да ја нападне Украина и им се заканува на балтичките земји, Грузија и Молдавија, изјави германскиот министер за одбрана, Борис Писториус во интервју за Велт ам Зонтаг. Во меѓувреме, САД најверојатно ќе го намалат својот воен ангажман во Европа бидејќи се повеќе се свртуваат кон Индо-Пацификот.
„Ние Европејците треба да бидеме поангажирани за да обезбедиме безбедност на нашиот сопствен континент. Имаме околу 5-8 години да стигнеме – во однос на вооружените сили, индустријата и општеството“, рече Писториус, истакнувајќи дека на регионот ќе му треба време да го зголеми сопственото производство на оружје. „На Европа и е јасно дека можеби ќе треба да ја надокнади американската помош за Украина доколку Вашингтон не успее да договори ново финансирање“, додаде тој. „Изборот на новата полска влада која е попроевропска сега треба да му овозможи на Вајмарскиот триаголник од Берлин, Париз и Варшава дополнително да ја развива воената соработка“, додаде тој.
„Мораме да откриеме како најдобро да се позиционираме на источното крило врз основа на одбранбените планови на НАТО“, рече тој, истакнувајќи дека сака да отпатува во Полска што е можно поскоро следната година. Писториус рече дека засега не предвидува дека германската армија ќе повтори мисии толку големи како оние извршени во Авганистан и Мали. Во Авганистан, германската армија ги водеше првите копнени битки од крајот на Втората светска војна.
„Но, малите мисии, особено во областа на воените совети или соработка и со земји кои не мора да ги споделуваат нашите вредности, ќе бидат важни“, рече тој.
„Алтернативата би била повеќе да немаме никакви контакти со овие земји и едноставно да им ги оставиме на Русите и Кинезите, а тоа би било многу опасно“, вели Писториус.