Професорката Рената Дескоска е избрана за потпретседателка на Поткомисијата за судство на Венецијанската комисија.
Дескоска е избрана на 137-та сесија на Венецијанската комисија што се одржа од 14 до 16 овој месец.
За претседател на поткомисијата е избран проф. д-р Никос Аливизатос, професор по уставно право на Универзитетот во Атина и поранешен министер за внатрешни работи на Грција.
Поткомисијата за судство во изминатиов период е најактивна комисија преку која поминаа најголемиот број мислења кои се усвојуваат од Венецијанската комисија. Таа е надлежна да ги разгледува мислењата и да предлага амандмани на мислењата кои Венецијанската комисија го носи за прашања поврзани со реформите или со состојбите во судството.
– Избор за потпретседател на оваа комисија го сфаќам како признание за мојот досегашен ангажман во подготовката на мислења кои едногласно беа усвоени од Венецијанската комисија. Како единствен член кој не потекнува од земја членка на Европската Унија учествував во изработката на мислење за независноста на судството во Холандија, а исто така бев вклучена и во изработката на неколку мислења за организацијата на јавното обвинителство во Молдавија, мислења за законската рамка за политичките партии во Монголија и Азербејџан за кои бев и известувач на седниците, вели Дескоска во објавата на Фејсбук.