Членовите на Републичката изборна комисија на Србија половина час по полноќ ја напуштија зградата каде што е седиштето на Републичката изборна комисија (РИК) во Белград. Студентите кои присуствуваа на протестот пред Републичката изборна комисија ги повикаа сите да се соберат денеска, тврдејќи дека изборниот резултат не ја одразува вистинската волја на граѓаните на Србија.
Студентите им дофрлиле „добра ноќ и погледнете ги децата во очи“, по што останале на улиците да собираат ѓубре.
Претседателот на Движењето на слободни граѓани Павле Грбовиќ по конференцијата на Републичката изборна комисија изјави дека реакцијата на членовите на РИК од редовите на власта не е изненадувачка, бидејќи бегаат од одговорност.
„Бараме да се поништат изборите поради голем број нерегуларности и поради тоа што гласаа луѓе кои не живеат овде“, изјави Грбовиќ за ФоНет.
Тој додаде дека членовите на РИК можеле да бидат однесени на друг излез, но целта била да се направат инциденти.
Грбовиќ рече дека огромното мнозинство од учесниците на митингот не биле насилни и оти останал со нив за да не бидат жртви на пропаганда или полиција.
Студентите кои присуствуваа на протестот пред Републичката изборна комисија ги повикаа сите да се соберат и денеска, во вторник.
Како што навеле, секој треба да донесе уште три лица кои не биле на собирот во понеделникот вечерта.
Пред РИК, на улица останаа околу стотина граѓани, главно студенти.
Да потсетиме, претставниците на коалицијата „Србија против насилството“ до РИК доставија докази за бројни злоупотреби, барајќи поништување на изборите, а двајцата носители на таа листа Мариника Тепиќ и Мирослав Алексиќ започнаа штрајк со глад до поништувањето на изборите во Белград, пренесе N1.
На бројни нерегуларности во изборниот процес во понеделникот укажаа и меѓународни набљудувачи, а почетокот на постизборната криза е синоќешниот протест кој започна во 18 часот во Белград, чиј исход се уште е неизвесен.