Процесот со уставни измени мора да продолжи, независно кој е на власт во Брисел или во Софија, порача претседателот Стево Пендаровски во своето годишно обраќање во Собранието. Потенцира дека државата мора да остане на европскиот пат, без оглед кој ќе раководи со Владата по изборите, во мај идната година. Ова е последната шанса да ја сочуваме мнозинската поддршка кај граѓаните за преговорите. Претседателот во говорот пред пратениците се осврна и на правосудниот систем. Во корен мора да се сосече, како што вели Пендаровски, ендемската корупција која ја загрозува виталноста на државата. Законите мора да важат за сите подеднакво.
Какви пораки испрати претседателот?
Обраќањето на претседателот, може да се оцени и како државничко, но и како отчетно обраќање за сработеното во годината и мандатот, смета дел од јавноста. Според Џелал Хоџиќ, претседател на СДА Македонија, пораките кои се упатени од говорницата соодветствуваат со вредностите на еден претседател на државата кој се грижи за развојот на државата, во демократска смисла.
-Пораки од претседател кој верува во евро-атланските интеграции, како важен процес и за државата, но и за регинот, како и пораки со кои се дава до знаење дека државата е должна да внимава на маргинализираните заедници и да направи напор за нивно вклучување во општествените процеси. Она што треба да се каже е и дека во говорот нема популистички пораки, туку има пораки кои ја одразуваат реалноста и предизвиците на државата, рече тој за „Локално“.
Соговорникот истакнува дека ние го имаме искуството кога ја имавме блокадата за членството во НАТО, кога државата го пропушти возот за Брисел да стигнеме заедно со Хрватска.
-Популизмот, одлагањето на решавање на проблемите, игнорирањето на барањата на ЕУ секако дека ќе ја внесат државата во нова изолација. Се плашам дека дел од опозицијата, дел од медиумите, како и дел од јавноста има за цел Северна Македонија да не продолжи по патот за членство во ЕУ. Мотивите за такво нешто кај различни групи се различни. Кај некои има геополитичко влијание од Русија, кај други има влијание преку разни канали на корупција, кај трети има влијание за желба за разни националистички наративни. Во секој случај, голем предизвик стои пред проевропските и прозападните политички сили, да изградат функционален проевропски политички блок кој Северна Македонија ќе ја зачува на патот кон ЕУ. И сакам да нагласам овде дека во тој блок сериозна улога ќе имаат и партиите на помалкубројните заедници, покрај македонските и албанските политички партии кои Северна Македонија ја гледаат и во иднина како демократска држава, со важна улога во НАТО сојузот и брзо членство во ЕУ. Сето тоа подразбира и техничка промена на Уставот со која и Бугарите кои живеат во Северна Македонија, како и други помалку бројни заедници ќе бидат дел од преамбулата на Уставот, истакнува Хоџиќ.
Во однос на тоа како му се чини досегашната работа на претседателот во неговиот мандат, Хоџиќ посочува дека Пендаровски многу коректно ја извршувал својата функција, во рамките на своите овластувања.
-Тој, покрај тоа што е претседател на една мала држава, беше многу видлив на меѓународната политичка сцена. Во домашната политика сосема јасно дека се водеше од демократските вредности, со големо внимание за човековите права, со големо внимание за помалкубројните и маргинализираните заедници, како и од стратешките цели на државата за членство во НАТО и во ЕУ, заклучува соговорникот.
Дел од јавноста гледа со негодување на настапот на Пендаровски. Според опозицијата, вчерашниот говор може да се цени како блед лично мотивиран обид да се прикаже во светлина и со достигнувања кои не беа остварени во текот на мандатот. Велат дека „Пендаровски пропушти многу шанси да ја реализира највисоката функцијата во државата и затоа нема остварени дела, настани и појави по кои ќе биде запаметен“.
-Бројни кризи го следеа Пендаровски и при менаџирањето со истите тој не беше на висината на задачата што ја има. Потпишувањето на закони кои не беа во согласнот со Уставот, донесени со европско знаменце, или пак не беа прифатени од граѓаните, се показатели за со ништо поткрепениот елитизам со кој се наметнува како шеф на државата и без чувство за пошироките интереси во општеството, потенцираат од опозициските партии.
Наведуваат дека на меѓународен план не се решија евроинтеграциските проблеми, и, последователните вета кои и беа ставени на тој пат на Македонија, не преставуваа предизвик за Пендаровски да бара решенија за нивно отстранување или да влијае кај претседтели на пријателски и други држави.
-Честите менувања на искажаните ставови што беше одлика на настапите на Пендаровски влијаеше на стабилноста на државната политика и на сфаќањата на граѓаните за стабилноста и безбедноста на државата. Погрешно оценувајќи ги уставните измени предложени под бугарска уцена само како техничко прашање, Пендаровски не ги согледува последиците кои следат и штетата што ќе и се предизвика на Македонија на долг рок, истакнуваат од партиите.
Врз основа на бројни показатели и оценки од граѓаните Социјалистичката партија на Македонија го оценува мандатот на Пендаровски како неуспешен и со тоа тој не заслужува да се надева за уште еден.
-Тој ќе треба да замине од политиката онака како што дојде, како вметната инсталација и апаратчик на неговата партија, а наместо него да дојде вистински патриот и борец за Македонија непосредно избран од македонскиот народ, велат од опозициската партија.
Пендаровски се осврна и на проблемите што за земјата ги посочуваат различни претставници на европските земји и на САД.
„Сакам на следниот парламент да му го кажам она што веќе неколку пати јавно го предложив – веднаш по изборите да ги чистиме судиите и обвинителите, но прво ние – политичарите. А за секој за кој нема логично објаснување како станал милионер со државна плата, веднаш следи не само оставка, туку и кривична постапка“, посочи претседателот.
Во неговото петто обраќање во законодавниот дом, последно во овој мандат како претседател, Пендаровски самокритичен, во носењето на некои одлуки можел да постапи поинаку и дека не бил безгрешен, но и дека никогаш не учествувал во валкани кампањи против политичките опоненти, иако често бил цел на напади, ниту договарал тендери и провизии.
Н.П.