Проф.Беџети: Оние кои ќе играат пред избори со „ќе ги намалиме даноците“ и „ќе ги зголемиме инвестициите“, ќе им се „стемни“ веднаш по победата

Поради фактот дека во 2024 година не очекуваат двојни избори, Беџети е дециден дека ќе дојде до несигурност за економските активности, но сепак смета дека сме имуни на политичките циклуси, па дури се забележуваат и поголеми зафати, барем во потрошувачката.

од Nikola Popovski
2,3K прегледи

Сите предвидувања се дека 2024 година ќе биде порелаксирачка во однос на 2023 година, барем од аспект на инфлација, но и реалниот раст се предвидува да биде подобар. Министерството за финансии предвидува 3,4%, НБРСМ предвидува 3% додека Светска банка предвидува 2,5%, што во секој случај се повисоки од стапката со која ќе ја завршиме 2023-та, вели во интервју за „Локално“, универзитетскиот професор Абдулменаф Беџети околу економски предизвици за македонската економија во наредната година.

Поради фактот дека во 2024 година не очекуваат двојни избори, Беџети е дециден дека ќе дојде до несигурност за економските активности, но сепак смета дека сме имуни на политичките циклуси, па дури се забележуваат и поголеми зафати, барем во потрошувачката.

-Ирационални најави од типот „ќе ги намалиме даноците“ и ќе ги зголемиме инвестициите предизвикуваат голема несигурност од проста причина што не е функционална равенка и не е можна, посочува професорот.

Беџети не очекува намалување на каматните стапки на Народната банка во наредната година.

-Просечните каматни маргини на комерцијалните банки се прилично високи (над 4%) кое се гледа и од профитабилноста на банкарскиот сектор. Да не бидам погрешно сфатен, профитабилноста на банкарскиот сектор е одличен параметар кој покажува колку банките се здрави, ама не и алчноста, оценува соговорникот.

Кои се клучните економски предизвици за македонската економија во 2024 година? Дали новата ќе биде потешка од оваа која ја оставаме зад нас?

-Глобалните економски трендови со посебен значај економијата на ЕУ со која сме многу зависни, а кои не зависаат од нас се најголем предизвик за нашата економија. Синџирот на набавките, пред и се на влезните цени на стратешките производи (енергенсите, репроматеријалите, примарните прехрамбени производи, и сл.) имаат високо влијание врз нашата економија. Проекциите на меѓународните финансиски институции за стабилизирање на инфлацијата (под 4-5%) се охрабрувачки. И кај нас последните објавени статистички податоци за инфлацијата-цените на мало (ноември 2023 во однос на ноември 2022) изнесува 3,4%. За наредна година инфлацијата е предвидена на 3,6%, додека Светската банка предвидува дури и пониска стапка со 3%. Голем предизвик преставуваат цените на парите (каматните стапки) бидејќи се забележа многу брзо затегнување на монетарната политика преку зголемување на каматните стапки за период од 12 месеци скоро за 4 пати и не само кај нас. Сепак сите предвидувања се дека 2024 година ќе биде порелаксирачка во однос на 2023 година, барем од аспект на инфлација, но и реалниот раст се предвидува да биде подобар. Министерството за финансии предвидува 3,4%, НБРСМ предвидува 3% додека Светска банка предвидува 2,5%, што во секој случај се повисоки од стапката со која ќе ја завршиме 2023-та година.

Не очекува изборна година, дали таа „по дефолт“ значи несигурност на пазарите и турбуленции?

-Секако, секоја изборна година, поготова со две нивоа на национални избори (парламентарни и претседателски), во прицип предизвикуваат несигурност за економските активности и агенти. Но сепак во нашиот случај, како и насекаде во западен Балкан, како да сме станале имуни на политичките циклуси, па дури се забележуваат и поголеми зафати, барем во потрошувачката. Да се надеваме дека стабилизирањето на инфлацијата ќе ги нормализира и каматните стапки за да можат економските агенти да влезат во инвестициски зафати со помала цена на финансирање.

Што треба да се преземе од страна на македонските власти пред и по изборниот процес за да не дојде до уште една пропадната година?

-Важно е пред изборниот процес да не се предизвикуваат непотребни тензии, посебно на меѓуетнички план, каде најчесто кај нас се случува. Политичките субјекти, посебно тие кои се фаворити и претендираат победа треба да бидат по одговорни во однос на најавите. Ирационални најави од типот „ќе ги намалиме даноците“ и ќе ги зголемиме инвестициите предизвикуваат голема несигурност од проста причина што тоа не е функционална равенка и не е можна. На победниците кои ќе играат пред избори на овие популистички ветувања ќе им се „стемни“ брзо веднаш после победата. Такви политички серии имаме видено цели овие 30 години транзиција за што и се вртиме во круг. Ние, како и други земји не само во регионот туку и во ЕУ (уште повеќе) немаме фискален простор и такви „авантури“ не ни се дозволени!

Годинава беше година на рушење на инфлациски рекорди. Што ќе детерминира нејзино стабилизирање?

Во нашиот случај големо учество на стапката на инфлацијата има увозна компонента па оттука ако се стабилизира инфлацијата во земјите со кои сме увозно зависни ќе се стабилизира и кај нас. Потоа, според анализите и на Светска Банка највисоко влијание врз инфлацијата кај нас имале и високите (незаслужни) профити на компаниите и како втор фактор беа и платите. Постои феномен на алчност (Greedflation)- зголемување на крајните продажни цени без зголемување на влезните цени на производите и услугите и креирање на високи профити без никаква општествена одговорност.

Економскиот раст, барем според меѓународните институции, варира. ММФ предвидува 3,2%, СБ вели 2,5 отсто, додека министерот Бесими е убеден дека тој ќе биде „нешто под 4%“. Зошто толкава разлика во предвидувањата?

-Како што наведов погоре, ние имаме планиран реален раст за 3,4% параметар врз основа на кој е проектиран и Буџетот за 2024 година. Најконзервативна е Светска банка со 2,5 во 2024 година и 2,9 во 2025 година. Мислам дека над 3% ќе биде реалното очекување.

Очекувате ли намалување на каматните стапки на Народната банка и од што ќе зависи тоа?

-Доколку инфлацијата останува под контрола сигурно дека и монетарната политика ќе се релаксира и нема потреба да биде толку стегната, но добро што е внимателна, впрочем како и сите други централни банки во Европа (ЕЦБ) и во светот на чело со американската ФЕД. Прашање е дали централната банка ќе биде проследена од комерцијалните банки при намалување на основната каматна (рефернтна) стапка како при зголемување. Лично не очекувам. Просечните каматни маргини на комерцијалните банки се прилично високи (над 4%) кое се гледа и од профитабилноста на банкарскиот сектор. Да не бидам погрешно сфатен, профитабилноста на банкарскиот сектор е одличен параметар кој покажува колку банките се здрави, ама не и алчноста.

Дали евентуалното завршување на војната во Украина и Појасот Газа ќе донесе побрзо закрепнување на европската економија? 

-Секако и двете војни имаат голем импакт врз светската економија но и кај насхта бидејќи сме и могу отворена економија. Индексот на отвореноста е над 160 што за економија како нашата е превисока. Чинителите на економските политики треба со внимателност да ги следаат овие состојби и покрај тоа што е многу тешко тоа да се промени на краток и среден рок!

Н.П.

Слични содржини