Во десетици објавени документи поврзани со починатиот педофил Џефри Епстајн се споменуваат и поранешните американски претседатели Бил Клинтон и Доналд Трамп, иако ниту еден од нив не е обвинет за нешто незаконско. Повеќе документи за случајот се очекува да бидат објавени во наредните денови.
Милијардерот и педофил е поврзан со поранешните претседатели преку аферата „Лолита експрес“, чии детали ги откри пилотот Лоренс Вишоски за време на судењето на поранешната девојка и сојузничка на Епстајн, Џилијан Максвел, кое се одржа во 2021 година.
Под заклетва, Вишоски потврди дека патници во авионот биле поранешните претседатели Доналд Трамп и Бил Клинтон, како и принцот Ендру.
Епстајн наводно го користел авионот за злоставување малолетни девојчиња и ги превезувал меѓу неговите резиденции ширум САД.
Луксузниот авион Боинг 727 бил во сопственост на Епстајн, а неговите жртви велат дека тој организирал оргии во комерцијалниот авион. Во „Лолита“ сè било луксузно – од мебелот, кујната, пространиот салон и главната спална соба.
Жртвите откриле дека Епстајн имал голем кревет во авионот каде гостите имале групен секс со млади девојки.
Вишоски работел за Епстајн од 1991 до 2019 година. Тој пред судот рече дека Максвел се грижела за сите негови имоти. На прашањето за нивната врска, тој рече дека мислел дека е повеќе лична отколку деловна. Додал дека таа била личност број два во хиерархијата.
Пилотот на авионот наводно извршил околу илјада летови во тој период, а Трамп наводно бил во авионот на Епстајн пред тој да стане претседател.
Вишоски пред судот изјавил дека се сеќава на принцот Ендру како патник во авионот, како и на актерите Кевин Спејси и Крис Такер.