Граѓанската сила „Замисли”, основана од „Солуција“, изрази безрезервна поддршка на битката против партизација на М-НАВ, предводена од Синдикатот на контролорите на летање, каде претседател е нашиот активист Александар Тасевски.
„Ја поздравуваме најавата на Владата за разрешување на целокупното раководство на М-НАВ и за ревизија на досегашното работење.
За демонстрацијата на сила преку насилничкиот упад во М-НАВ, пак, што директно ја наруши безбедноста на вработените и на авиосообраќајот на македонското небо, бараме и мора да има правна разврска и кривична одговорност.
Битката за професионалност во М-НАВ е битка на сите нас, за држава на граѓаните, а против држава разбрана како сопственост на политичко – криминални групации.
Таа битка се води постојано и не треба да се чекаат криминални и насилни упади или ескалација на состојбите за да се преземат мерки, особено ако се има предвид дека Синдикатот алармираше за овие процеси од многу одамна.
Овој Синдикат, воедно стана и симбол на професионален интегритет и пример за пркос против партизацијата, која освен што ги подрива институциите, почна да биде и директна закана за безбедноста и животот на граѓаните.
Оваа победа, доколку Владата си остане доследна на најавата, е пример како организиран и обединет отпор од професионалци поддржан од јавноста може да предизвика сериозни системски промени и да ги поттикне на акција носителите на одлуки.
Без јасна линија помеѓу државата и партијата, без да се знае каде завршува партијата, а каде почнува државата, нема ниту држава, ниту иднина.
Вистински луѓе на вистински места е нашето мото – и тоа очигледно е поважно од кога било“, велат од тимот на „Солуција“, основачи на Граѓанската сила „Замисли”.