САД и Велика Британија одбија еден од најголемите напади на Хутите во Црвеното Море

од Stefanija Kuzmanovska
204 прегледи

Јеменските бунтовници Хути синоќа извршија еден од најголемите напади врз бродови во Црвеното Море, но американската и британската морнарица ги собориле сите беспилотни летала и проектили.

Воените власти соопштија дека нема штета и повредени, пренесува „Гардијан“.

Хутите, кои се поддржани од Иран, го извршиле нападот иако за денеска е закажана седница на Советот за безбедност на Обединетите нации, на која ќе се осудат нападите и ќе се бара нивно прекинување.

Бунтовниците велат дека нивните напади имаат за цел да ја запрат израелската војна против Хамас во Појасот Газа.

Сепак, бродовите што тие ги таргетираат имаат мала или никаква поврзаност со Израел, а нападите се закана за една од клучните светски трговски патишта што ги поврзува Азија и Блискиот Исток со Европа.

Нападот се случил во близина на јеменските пристанишни градови Ходеида и Мока, наведе приватната разузнавачка фирма „Амбреи“.

Американската воена команда соопшти дека „комплексниот напад“ извршен од Хутите вклучувал беспилотни летала кои носеле бомби, противбродски крстосувачки ракети и една противбродска балистичка ракета.

„Ова е 26-ти напад на Хутите на комерцијалните бродски рути во Црвеното Море од 19 ноември. На бродовите им се препорачува да бидат внимателни при транзитот и да пријават каква било сомнителна активност“, соопшти американската команда.

Слични содржини