СДСМ ја започна постапката за утврдување на кандидат за шеф на државата

од Nikola Popovski
225 прегледи

СДСМ ја започна постапката за утврдување на кандидат за претседател на државата за претседателските избори кои ќе се одржат годинава, информираа денеска од партијата. Кандидати ќе се бараат преку општинските организации на СДСМ, преку јавен оглас објавен на веб-страницата на партијата.

Дополнително, отворен е и јавен повик за самокандидирање, преку оглас во дневни весници на македонски и албански јазик.

Кандидатите, како што информира портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, мора да ги исполнуваат највисоките критериуми: да имаат висок општествен углед и кредибилитет, да уживаат доверба од членството, симпатизерите, да ги делат вредностите на социјалдемократијата, да ги почитуваат посебностите на сите граѓани без разлика на верска и етничка припадност и да се обврзат на неуморна работа за меѓународниот углед на татковината и исполнување на уште една стратегиска и национална цел: членство во ЕУ.

-Сите кандидати мора да го прифатат, да го почитуваат и да се придржуваат кон Кодексот за однесување на членовите и функционерите на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, додаде Кузеска во обраќањето од седиштето на партијата.