Израел пред судот на ОН ги отфрли обвинувањата за геноцид во Газа

од Stefanija Kuzmanovska
133 прегледи

Израел денеска ги отфрли како „грубо искривена приказна“ обвинувањата на Јужноафриканската Република (ЈАР) пред највисокиот суд на ОН дека израелската воена акција во Газа е државен геноцид со цел истребување на палестинското население.

ЈАР, која го поднесе случајот до Меѓународниот суд на правдата (МСП) во декември, во четвртокот побара од судиите да му наредат на Израел веднаш да ја прекине својата воздушна и копнена офанзива против палестинската енклава.

Израел денеска ги отфрли обвинувањата како неосновани и рече дека ЈАР глуми „адвокат на ѓаволот“ за Хамас, палестинската исламистичка милитантна група против која Израел се бори во Газа.

„Воените акции во Газа се самоодбрана против Хамас и други терористички организации“, изјави правниот советник на израелското министерство за надворешни работи на почетокот на вториот ден од сослушувањата пред МСП.

Тал Бекер оцени дека јужноафриканското толкување на настанот е „грубо искривено“. „Ако има геноцид, тогаш тој се спроведува против Израел“, наведе тој.

Барајќи од судот да нареди прекин на воената операција во Газа, „обвинителот сака да го лиши Израел од неговото основно право на самоодбрана и да го направи беспомошен“, додаде Бекер.

Израел започна сеопфатна војна по прекуграничното дивеење на милитантите на Хамас на 7 октомври, во кое израелските власти соопштија дека убиле 1.200 луѓе и зеле 240 заложници во Газа.

Според здравствените власти на територијата под власт на Хамас, континуираното израелско бомбардирање убило повеќе од 23 илјади луѓе и ги протерало речиси сите 2,3 милиони жители на малата и густо населена палестинска енклава од своите домови.

Одлуките на МСП се конечни и на нив нема право на жалба, но судот нема начин да ги спроведе.

Конвенцијата за геноцид од 1948 година го дефинира геноцидот како „акти извршени со намера да се уништи, целосно или делумно, национална, етничка, расна или религиозна група“.

Слични содржини