Кралицата Елизабета била бесна кога дознала кое име Хари и Меган го избрале за својата ќерка

од Stefanija Kuzmanovska
370 прегледи

Не стивнуваат турбуленциите околу британското кралско семејство. Најпрво, принцот Хари неодамна ја разбранува јавноста со објавувањето на неговите мемоари Spare во кои упати низа шокантни обвинувања против своето семејство, а сега дворот го потресе книгата на Роберт Хардман, Charles III: New King. New Court. The Inside Story.

Имено, како што е познато, принцот Хари и неговата сопруга Меган Маркл имаат две деца, Арчи и Лилибет. Парот ѝ даде име на наследничката по прекарот на кралицата Елизабета Втора, кој го добила како дете, бидејќи не можела добро да го изговори своето име.

Принцот сакал да ѝ оддаде почит на својата баба за која наводно бил многу приврзан, а како што е познато, кралицата Елизабета морала да ги одобри имињата за сите новородени членови на монархијата. Иако Хари и Меган веќе ја напуштија Велика Британија во моментот на раѓањето на нивната ќерка и се откажаа од титулите на членови на кралското семејство, преселувајќи се во Калифорнија, тие претходно наведоа дека побарале дозвола за името на нивната ќерка лично од кралицата.

„Војводата разговараше со своето семејство пред да биде објавено името, всушност неговата баба беше првиот член на семејството кој го повика. За време на тој разговор, тој ја изрази со неа нивната надеж дека во нејзина чест ќе може да ја именуваат својата ќерка Лилибет. Доколку не добиеја поддршка, тие немаше да го користат тоа име“, рече портпаролот на Меган и Хари.

Веќе во тоа време Би-Би-Си пишуваше дека војводата и војвотката од Сасекс не побарале дозвола за името, а двојката одлучи да го тужи овој медиум.

„Двојката оттогаш издаде предупредувања за правна постапка против секој кој ќе се осмели да сугерира поинаку, како што беше случај со Би-Би-Си. Меѓутоа, кога семејството Сасекс се обиде да ја натера палатата да ја поддржи нивната верзија на настаните, тие беа одбиени. Гласните закани за правна постапка исчезнаа, а постапките за клевета против Би-Би-Си никогаш не се реализираа“, се вели во книгата на Хардман, пренесува „Дејли мејл“.

Имено, според неговите тврдења, кралицата била „многу лута“ поради тврдењата на Меган и Хари дека барале дозвола за името, бидејќи тоа не било точно.

„Еден од моите извори блиски до семејството се присети дека никогаш не ја видел Елизабета Втора толку бесна како што била во 2021 година кога беше објавено дека го дала својот благослов за војводата од Сасекс да ја именува својата ќерка Лилибет, прекар на кралицата од детството“, се наведува во книгата.

За потсетување, целото име на девојчето е Лилибет Дајана, со што Хари сакаше да ѝ оддаде почит на својата баба, но и на неговата трагично загината мајка Дајана, која го загуби животот кога тој имаше само 12 години.

Слични содржини