Симптомите на мултиплекс склероза може да се појават уште во дваесеттите години, појавувајќи се и исчезнувајќи во неправилни интервали. Според Здружението за мултиплекс склероза на Америка, повеќе од два милиони луѓе ширум светот ја имаат оваа болест.
Првичната дијагноза не е секогаш лесна бидејќи некои од симптомите се прилично општи и можат да бидат поврзани со разни болести или состојби. Жените имаат два до три пати поголеми шанси да ја добијат оваа болест, а во продолжение прочитајте кои се најчестите рани симптоми на мултиплекс склероза.
Послаб вид
Нормално е да почувствувате некои ефекти и на вашите очи да им треба време да се прилагодат ако гледате на екранот осум часа секој ден на работа. Меѓутоа, ако дури и во деновите кога не работите или се занимавате со таква работа, забележите заматен вид или губење на видот, задолжително посетете лекар, особено ако симптомите се јавуваат само на едното око.
„Некои пациенти го опишуваат проблемот со видот како гледање низ заматено стакло или низ вода, а понекогаш се јавува болка или тешкотии при движењето на очното јаболко“, објаснува Кетлин Костело, претседател на здружението за мултиплекс склероза на Америка, пренесува Miss7.
Вртоглавица
Поради високите температури или големиот физички напор, сите понекогаш чувствуваме вртоглавица, но онаа што укажува на мултиплекс склероза најчесто се појавува како гром од ведро небо и удира со висок интензитет, така што може да предизвика и гадење или повраќање.
Секако, вртоглавицата може да биде и симптом на други здравствени проблеми, како што се низок крвен шеќер или низок крвен притисок. Во секој случај, доколку често чувствувате вртоглавица, најдобро е да се консултирате со лекар.
Хроничен замор
Заморот кој трае со недели и ве спречува да ги извршувате и наједноставните задачи секако е знак за загриженост и причина да одите на лекар.
„Луѓето со мултиплекс склероза го опишуваат својот замор како сеопфатен и толку тежок што дури и едноставните задачи се премногу тешки за нив“, објаснува Костело.
Вкочанетост
Бидејќи мултиплекс склерозата го напаѓа централниот нервен систем, логично е дека ќе влијае и на нервите, што може да резултира со вкочанетост. Значи, од крајност до крајност: може да бидете лишени од какво било чувство, на пример, во вашите раце или може да доживеете чувство слично на она кога мравка или некој друг инсект оди по вас.
Проблеми со мочниот меур
Проблеми со мочниот меур се јавуваат кај 80 отсто од пациентите со мултиплекс склероза. Тие се манифестираат како постојано чувство на потреба за мокрење, а освен тоа може да се појави и пролив или запек, пренесува City Magazine.
Когнитивни и емоционални проблеми
Бидејќи нервниот систем е центар на нашите когнитивни и емоционални функции, не е ни чудо што мултиплекс склерозата може да предизвика проблеми во неговото функционирање. Околу 60 отсто од заболените се жалат на проблеми со извршувањето на повеќе задачи, концентрација или внимание, како и потешкотии со присетувањето.
На полето на емоциите може да дојде до депресија, нервоза, нагли промени на расположението или „емоционални испади“, како што е неконтролирано и неиспровоцирано плачење или смеење.
Мускулна болка
Половина од луѓето кои страдаат од мултиплекс склероза живеат со секојдневна болка, која често е придружена со неконтролирани движења или слабост. Нозете обично се првиот дел од телото погоден од овие симптоми, а потоа и грбот.