Пендаровски и Османи разговарале за билатералните односи и евроатлантските аспирации на Косово

од Nikola Popovski
301 прегледи

Претседателот Стево Пендаровски денеска во Приштина, во рамки на работната посета на Република Косово, оствари средба со претседателката на Република Косово, Вјоса Османи-Садриу.

На средбата беше изразено задоволство од нивото на билатералните односи меѓу двете држави кои се пријателски, динамични и засновани на меѓусебно почитување и разбирање.

Во фокусот на разговорите беа актуелни теми од билатералните односи, европската перспектива на двете држави, случувањата во однос на дијалогот Белград-Приштина, како и предизвиците на регионален и мултилатерален план и безбедносната состојба во регионот и пошироко.

Претседателот Пендаровски го реафирмираше ставот за поддршка на евро-атлантските аспирации на Косово, како и активното пристапување на Косово кон постојните регионални иницијативи и форуми, при што нагласи дека нашата држава е подготвена да ги сподели своите искуства во однос на реформските процеси, како на патот кон Европската Унија, така и во однос на членството во НАТО Алијансата.

Во тој контекст, соговорниците констатираа дека двете држави имаат значајно место со својата активна улога во заедничките напори за постигнување на трајна стабилност, добрососедство и економски просперитет на овој дел од Европа и дека заедничката иднина во евро-атлантските структури е влог во натамошна стабилизација и просперитет на регионот на Западниот Балкан.

Двајцата претседатели се заложија за продлабочување на соработката во сите области од заемен интерес, особено во економијата и ги нагласија заложбите за активен придонес кон инфраструктурно развиен и економски просперитетен регион.

Слични содржини