Немало привилегиран однос на Собранието кон одредени новинари од надвор од земјава, ниту за непринципиелен третман кон новинарите и медиумските работници од домашните медиуми. Вака стои во реакцијата од Кабинетот на новиот претседател на Собранието, Јован Митрески откако дел од медиумите и новинарските здруженија обвинија дека четворица новинари од Албанија и Косово биле привилегирани од страна на службите за сметка на новинарите и медиумските работници од домашните медиуми.
Како што се наведува, ваквите реакции се однесуваат на вчерашната парламентарна седница, на која беше избрана техничката Влада.
-Сакаме да истакнеме дека, поради зголемениот интерес на претставници од домашните, но и од странски медиуми, кои уредно беа акредитирани до 26 јануари годинава, беше увидено дека интересот за следење на пленарната седница е значително зголемен во однос на вообичаената пракса, поради што го ставивме на располагање целиот капацитет на галеријата, додаваат од Кабинетот на Митрески.
Оттаму уверуваат дека Собранието останува институција отворена за граѓаните, но и за претставниците на медиумите со кои и досега сме имале конструктивна и плодна соработка, во интерес на нанавремено и доследно информирање на граѓаните и таа соработка во иднина ќе се продлабочува.
Според видео прилогот и укажувањата на порталот Portal X, четворицата странски новинари биле сместени да седат во дипломатскиот дел на терасата во пленарната сала и исто така во текот на нивната посета биле пренесувани со владини службени возила. Станува збор за Батон Хаџиу – познат албански аналитичар со потекло од Косово, Адриатик Келменди – новинар на косовската телевизија Клан, Бленди Февзиу – водител на популарното ТВ-шоу „Мислење“ (Опиниони) на ТВ Клан Албанија и Берат Бужала – директор и главен и одговорен уредник на косовскиот портал „Национале“.