СЗО: Во 2022 година имало 20 милиони случаи на рак

од Stefanija Kuzmanovska
278 прегледи

Агенцијата за истражување на ракот на Светската здравствена организација (СЗО) денеска објави дека во 2022 година имало 20 милиони случаи на рак и 9,7 милиони смртни случаи од оваа болест и проценува дека зголемувањето на случаите ја маскира нееднаквоста меѓу богатите и сиромашните нации.

Околу еден од пет луѓе ќе заболат од рак во текот на својот живот, додека секој деветти маж и една од 12 жени ќе умре од оваа болест, соопшти Меѓународната агенција за истражување на ракот (IARC).

Во извештајот заснован на 185 земји и 36 различни видови на рак, IARC заклучи дека нивото на ризик од рак зависи од тоа каде живее пациентот. На пример, во најразвиените земји, една од 12 жени ќе заболи од рак на дојка во текот на животот, но една од 71 ќе умре од него. Во помалку развиените земји, една од 27 жени развива рак на дојка, делумно поради тоа што популацијата е типично помлада, но и како резултат на помала изложеност на фактори на ризик, како што е прекумерната тежина.

Меѓутоа, во посиромашните земји една од 48 жени умира од рак на дојка.

„Жените во овие земји помалку се разболуваат, но сепак се изложени на многу поголем ризик да умрат од оваа болест поради доцната дијагноза и несоодветен пристап до квалитетен третман“, наведе Изабел Сурјоматарам, заменик-шеф на одделот за надзор на рак на IARC.

IARC, исто така, посочи дека се сменети видовите на рак кои најмногу ја погодуваат популацијата, бидејќи се променил начинот на живот и сега колоректалниот карцином е трет најчест карцином и втор по смртност.

Колоректалниот карцином е поврзан најмногу со возраста, како и со факторите на животниот стил како што се дебелината, но и со пушењето и употребата на алкохол. Ракот на белите дробови повторно се појави како една од најчестите дијагнози и причини за смрт, со 2,5 милиони нови случаи и 1,8 милиони смртни случаи годишно, веројатно поради големата потрошувачка на тутун во Азија.

Иако ограничувањата поврзани со пандемијата на ковид влијаеја на процесот и брзината на дијагностицирање на ракот, податоците, главно од земјите со високи приходи, покажуваат минимално влијание на тие ограничувања врз стапките на преживување, додава агенцијата. IARC заклучи дека случаите на рак веројатно ќе се зголемат за 77 отсто до 2050 година, на 35 милиони, како што населението расте и старее.

Слични содржини