Повторно е регистриран пораст на заболени лица од грип во државата, покажуваат податоците од најновиот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
Во три извештајни единици што пријавиле случаи во текот на оваа недела, се регистрира многу ниска, во осум сезонска, во 12 средна, во Дебар – висока и во три – Ресен, Кавадарци, Кратово – многу висока активност на вирусот на грип.
-Во текот на четвртата недела од 2024 година од 22 до 28 јануари, во Република Северна Македонија се пријавени 1.834 случаи на групни пријави за заболени од грип – заболувања слични на грип, 9,5 отсто повеќе во споредба со претходната недела. Бројот на пријавени лица оваа недела, споредено со четвртата недела од минатата сезона, е зголемен за 2,1 пати, се наведува во извештајот на ИЈЗ.
Во текот на четвртата извештајна недела, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ, пристигнале 67 материјали од рутинскиот надзор за лабораториско тестирање, паралелно тестирани за грип и Ковид-19 (SARS-CoV-2).
-Притоа, детектирани се 20 позитивни случаи на Influenza: 14 Influenza А(H1)pdm09, 2 Influenza А(H3), 3 Influenza А -несубтипизиран и 1 Influenza B – неодредена линија. Регистриран е еден пациент со SARS-CoV-2, пишува во извештајот.
Во однос на возрасната дистрибуција, 982 лица се на возраст од 15 до 64 години, 342 се деца на возраст до четири години, 256 се деца на возраст од пет до 14 години и 254 случаи се регистрирани кај лица на возраст над 65 години. Највисока инциденца се регистрира кај децата на возраст до четири години.
Заболените се пријавени од 27 ЦЈЗ/ПЕ, во Скопје – 238, Битола – 196, Кавадарци – 184, а во останатите, бројот на пријавени е помал или еднаков на 150, покажуваат податоците.
-Во текот на оваа недела, регистрирани се два смртни случаја асоцирани со грип. Се работи за лица на возраст од 20 и 36 години од Скопје и Демир Хисар, кои биле хоспитализирани во Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби. Кај починатите лица е утврдено присуство на коморбидитети – хематолошки, кардиоваскуларни, обезитас и не биле вакцинирани со вакцина против сезонски грип. Кај починатите лица, лабораториски е потврдена Influenza А(H1)pdm09, се појаснува во извештајот на ИЈЗ.
Во сезоната 2023/2024, вкупниот број на случаи на грип – заболувања слични на грип изнесува 7.009 , според податоците на Институтот.
Во споредба со истиот период од минатата сезона, бројот на пријавени случаи е зголемен за 37,3 проценти, а во однос на моделот од последните 13 сезони, има зголемување од 26,1 отсто.