Премиерката на Северна Ирска сака референдум за обединување со Република Ирска

од Nikola Popovski
304 прегледи

Новата премиерка на Северна Ирска, Мишел О’Нил изјавила дека залага за референдум за обединување на двете Ирски во следните десет години.

Во своето прво интервју откако беше избрана да ја води владата на британската провинција во саботата, таа рекла дека нејзиниот избор за премиер ја покажува промената што се случува на островот, објави „Скај њуз“.

Мишел О’Нил (47) стана премиерка по две години политичка парализа во Северна Ирска. Таа е првиот републикански премиер од редовите на Шин Феин, поранешното политичко крило на Ирската републиканска армија (ИРА).

Според неа, Шин Фејн може да ја дели власта со досегашната владејачка Демократска унионистичка партија (ДУП), иако унионистите се залагаат да ја задржат Северна Ирска во рамките на Велика Британија.

– Можеме да ја поделиме власта и да ја направиме Северна Ирска стабилна, можеме да работиме заедно секој ден на јавните услуги и исто така да ги следиме легитимните аспирации, рекла таа.

Членката на ДУП, Ема Литл-Пенгели е избрана за вицепремиерка на Северна Ирска.

На прашањето дали „очекува референдум за обединување на островите во следните 10 години“, О’Нил, која е потпретседателка на Шин Феин, одговорила потврдно.

– Да, верувам дека сме во деценија на различни можности. Толку многу работи се менуваат. Претходно беше незамисливо премиерот на Северна Ирска да биде националистички републиканец, додала таа.

Од своја страна, британската влада објави дека „не гледа реална перспектива“ за таков референдум и смета дека иднината на Северна Ирска е „загарантирана со децении“ во рамките на Обединетото Кралство, се вели во документот објавен минатата недела.

По победата на нејзината партија на изборите во мај 2022 година, лидерката на Шин Феин во Северна Ирска беше спречена да ја преземе функцијата поради бојкот на заедничките институции од страна на членовите на ДУП.

ДУП ги оцени трговските аранжмани по повлекувањето на Велика Британија од Европската унија (Брегзит) како закана за позицијата на Северна Ирска во рамките на Велика Британија. Сепак, минатата недела беше постигнат договор со британската влада за ова прашање, што му овозможи на Парламентот на Северна Ирска да продолжи со работа.

Слични содржини