Нападнат Небиу од Алијанса по синоќешната поддршка за Села

од Nikola Popovski
429 прегледи

Синоќа бил нападнат членот на Алијанса за Албанците и директор на Агенцијата за управување со одземен имот, Дритон Небиу. Настанот го потврди и полицијата.

-Вечерва во 19.40 часот во СВР-Тетово било пријавено дека во угостителски објект на улица ‘Маршал Тито’ во Тетово Д.Н. бил физички нападнат од К.О. од Тетово. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, информираа синоќа од СВР Тетово.

Небиу претходно застана против едностраната одлука на претседателот на АА, Арбен Таравари на претстојните избори да настапуваат во коалиција со албанската опозиција и синоќа го поддржа поранешниот лидер на партијата, Зијадин Села.

Небиу вчера можеше да се забележи во партиското седиште на Алијанса во Тетово, за време на прес-конференцијата на Села.

Директорот на Агенцијата за управување со одземен имот, по нападот на социјалните мрежи сподели фотографија во друштво со поддржувачи, по која објави: „Може да ме убиете, но не можете да ме исплашите“.

Во партијата владее силна поделба околу тоа дали на претстојните парламентарни избори треба да се оди самостојно или заедно со опозициските партии на Албанците. Втор ден траат јавните „препукувања“ меѓу таборите на Таравари и Села.

Слични содржини