ОН: Нов прилив на мигранти во Европа доколку нема прекин на огнот во Судан

од Radmila Tasevska
151 прегледи

Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации, Филипо Гранди, предупреди на нов прилив на бегалци во Европа доколку наскоро во Судан не биде потпишан договор за прекин на огнот.

„Европејците секогаш се многу загрижени за луѓето кои доаѓаат преку Средоземното Море. Имам предупредување за нив дека ако не поддржат повеќе бегалци кои доаѓаат од Судан, дури и оние раселени во Судан, ќе бидеме сведоци на понатамошно движење на луѓето кон Либија, Тунис и преку Медитеранот – во тоа нема сомнеж“, рече Филипо Гранди.

Конфликтот меѓу суданската армија, предводена од генералот Абдел Фатах Бурхан, и отцепените Сили за брза поддршка, предводени од Мохамед Хамдан Дагало, започна во април минатата година.

Се проценува дека повеќе од девет милиони луѓе се внатрешно раселени во Судан поради војната.

Гранди рече дека соседите на Судан – Чад, Централноафриканската Република, Јужен Судан и Етиопија – нема да можат да им ја дадат потребната помош на бегалците, а „кога бегалците не добиваат доволно помош, тие продолжуваат понатаму“ – рече тој.

Гранди додаде дека војната во Судан сега ја водат повеќе фракции на милиции кои контролираат одредени области и не се двоумат да бидат насилни против цивилите.

Тој повика дека конфликтите во Судан, Конго, Авганистан, Мјанмар не треба да се занемаруваат поради Газа и Украина.

„Газа е трагедија – и треба многу внимание и ресурси, но не на сметка на уште една голема криза како Судан“, рече Гранди по посетата на Судан и Етиопија, која се опоравува од двегодишниот конфликт во северниот регион Тигра.

Обединетите нации соопштија дека најмалку 12.000 луѓе загинале во конфликтот во Судан, иако локалните лекари велат дека бројката е многу поголема.

Силите за брза поддршка напредуваат кон истокот и северот на земјата во последните три месеци.

Хуманитарните организации ги обвинија двете страни за воени злосторства.

Неколку земји од тој регион се обидуваат да посредуваат во мировните преговори, кои имаа неколку неуспешни рунди.

Слични содржини