Претседателот на Собранието, Јован Митрески за пополнувањето на испразнетото место во Државната изборна комисија и бојкотот на законодавниот дом од опозициските партии на Албанците поради тоа што сметаат дека таа позиција им припаѓа ним, истакна дека остварил средба со нив веднаш по преземањето на функцијата и дека разговарал за да се надмине овој проблем.
Тој во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, потенцира дека проблемот е во читањето на законот, бидејќи не може точно да се одреди која партија спаѓа во опозициската гарнитура.
„БЕСА влегла со коалицијата ‘Можеме’, па излегла, па влегла Алтернатива која била во коалиција со Алијанса, па излегла. Јас побарав од нив тие два предлози што се на Комисија за избори и именувања да дојдат до пленум за да ја отвориме дебатата во пленарната сала и да се најде начин да разговараат пратениците, па и политичките партии, за да обезбедиме 80 гласа за еден од кандидатите. Изборот на кандидат за ДИК се врши со двотретинско мнозинство така што тука не може да дојде до ситуација за надгласување дали ќе биде еден кандидат или ќе биде друг. На крај, треба да се седне и да се разговара“, рече Митрески.
Спикерот посочи дека лично нема да дозволи да има гласање за последниот член на ДИК, без притоа да добие цврсто уверување дека веќе има обезбедено двотретинско мнозинство за еден од кандидатите, бидејќи доколку изборот пропадне, целиот процес започнува одново, а доколку не се избере нов член, вели, ќе биде фрлена дамка на изборниот процес.
„Се надевам дека на крајот ќе се избере, бидејќи тоа би направило дамка на изборниот процес. Искрено се надевам дека ќе се обезбеди двотретинско мнозинство и ќе се избере последниот член на ДИК“, истакна тој.