ДУИ доцна синоќа го искритикува претседателот Стево Пендаровски откако не го потпиша указот за измените на Законот за игри на среќа, со кои беше предвидено обложувалниците и казината да бидат 500 метри оддалечени од основните и средните училишта.
Според владеачката партија, одлуката на Пендаровски е за „жалење“.
-Опозицијата 2 години по ред го блокираше законот за одалечување на казината и обложувалниците од нашите училишта и деца. Сите ги знаеме нивните мотиви.
По сите блокади и опструкции, парламентарното мнозинство конечно го изгласа законот, кој го поздравија сите граѓани, Албанци, Македонци, Турци, Роми, Срби, Босанци и сите останати, а посебно мајките со пораки „ни ги спасивте децата“, како и здруженијата против коцкање.
Довербата на пратениците и граѓаните кои го поддржаа, како и целата оваа битка за отстранување на казината и обложувалниците од нашите училишта и деца, за двојно зголемување на даноците и зголемување на буџетските приходи и отежнување на процедурите за отворање и проширување на индустријата, Пендаровски ја фрли во корпа за отпадоци и ја одбра страната на обложувалниците и казината.
Образложението дека европското знаменце била злоупотребено за усвојување на законот е приказна за мали деца. Замислете немале забелешки за содржината, туку за процедурата. Ние не се предаваме во оваа битка и убедени сме дека пратениците со чиста совест се на страната против казината и обложувалниците, се вели во реакцијата на ДУИ.
Одлуката, како што соопштија од кабинетот на претседателот, Пендаровски ја донел по детална анализа на текстот на Законот и постапката во која тој беше донесен. Тој, како што дополнија од кабинетот, исто така се консултирал и со Делегацијата на Европската Унија во земјава, „како наш најважен партнер во процесот на преговори“.
Шефот на државата повикува на сеопфатен процес во третото читање, и им сугерира на партиите предлогот да не се носи со знамето на ЕУ, туку во редовна процедура. Предлог-законот за игри на среќа предизвика реакција на здруженијата и асоцијациите од оваа индустрија.
Албанската опозиција обвини за наводни дилови со српското подземје. Го прозиваат Артан Груби од ДУИ дека на сите владини одлуки поврзани со Државна лотарија е потпишан, особено за формирањето на три нови компании за организирање игри на среќа преку интернет.
Со измените на Законот, цената за една лиценца за обложувачница ќе порасне од 105 илјади на 200 илјади евра. Истовремено, се ограничува бројот на уплатно-исплатни места на 25 со една издадена лиценца, а дополнително, за секое следно уплатно-исплатно место над 25-тото, приредувачот ќе треба да плаќа надоместок од 10 000 евра.
Измените во Законот предвидуваат и автомат-клубовите сега да плаќаат за лиценца која ќе чини 100 илјади евра наместо досегашните 78 750 евра. Таа ќе биде ограничена на три деловни простории за кои автомат-клубовите ќе треба да плаќаат надомест во износ од 30 000 евра.
Собранието ги донесе измените пред една недела, односно на 7 февруари 2024 година, по скратена постапка, односно со „европско знаменце“.