По заканите на Трамп, шефот на НАТО објави колку земји одвојуваат доволно за одбраната

од Stefanija Kuzmanovska
207 прегледи

Од 2014 година, бројот на членки на НАТО кои издвојуваат два отсто од својот БДП за одбраната е зголемен шест пати, а европските членки севкупно ќе ја постигнат оваа цел за трошоци за одбрана оваа година, изјави денеска генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

„Оваа година очекувам 18 сојузници да потрошат два отсто од својот БДП за одбраната, што е нов рекорд и шесткратно зголемување од 2014 година, кога само три членки ја исполнија таа цел“, рече Столтенберг на прес-конференцијата пред состанокот на министрите за одбрана на членките.

Генералниот секретар посочи дека европските членки ќе инвестираат вкупно 380 милијарди долари во одбраната, што е два отсто од нивниот БДП, но додаде дека друг дел од членките, кои трошат помалку од два отсто, мора да почнат да издвојуваат повеќе за одбраната.

Столтенберг наведе дека министрите за одбрана ќе разговараат за натамошното забрзување на производството на муниција и дека само во изминатите неколку месеци НАТО склучил договори во вредност од 10 милијарди долари.

Меѓу другото, оваа недела Германија започна со изградба на нова фабрика за муниција во Долна Саксонија, која кога ќе го достигне целосниот производствен капацитет, ќе произведува 200 илјади артилериски гранати годишно.

Слични содржини